| четврток, 6 декември 2018 |

Зампарини: Ако некој понуди 10 милиони евра за Несторовски, ќе го продадеме

Маурицио Зампарини повторно застана на чело на Палермо, а тоа може да е лоша вест за нашиот Илија Несторовски, со оглед на цврстите ставови што контроверзниот претседател отсекогаш ги имал при преговорите за продажба на своите најдобри играчи. Не е тајна дека Несторовски би сакал да замине во друг прволигашки клуб, а Зампарини не планира да му застане на патот на Македонецот, се додека новиот тим ги задоволи неговите финансиски барања.

Италијанските медиуми откриваат дека претседателот на Палермо имал средба со Давор Чурковиќ, кој е агент на двајцата Македонци во клубот (Александар Трајковски и Илија Несторовски), но и на голманот Посавец и на Слободан Рајковиќ. На состанокот Зампарини истакнал дека цел му е експресно враќање на клубот во Серија А, за што му е неопходно што поголем дел од играчите да останат.

– Доколку добиеме понуда што не се одбива, тогаш ќе продадеме некој од фудбалерите. Конкретно за Несторовски, неговата цена е десет милиони евра, а ние не сме добиле ни приближна понуда на оваа сума. Или некој ќе плати десет милиони, или Несторовски ќе остане – дециден бил Зампарини на оваа тема на состанокот со Чурковиќ.

Фиорентина останува во пол-позиција во трката по Македонецот, но „виолетовите“ чекаат најпрвин да го продадат Калиниќ, по што ќе испратат и официјална понуда до Палермо.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top