
Саудиска Арабија, Египет, Бахреин и Обединетите Арапски Емирати го одобрија барањето на Кувајт за продолжување на рокот што му беше даден на Катар за прифаќање на поставените барања. При продолжениот рок од 48 часа, Катар треба да одлучи дали ќе ги прифати 13-те барања на четирите земји.
Оваа одлука беше соопштена, откако Катар објави дека денеска ќе му ги предаде на емирот на Кувајт одговорите на барањата на четирире земји. Меѓу барањата е вклучено и затворање на телевизијата „Ал Џезира“, на турската воена база што се наоѓа во Катар, како и ограничување на односите со Иран.
Претходно, кувајтските медиуми јавија дека, емирот на Кувајт, Сабах ал Ахмад ал Џабер ал Сабах побара од Саудиска Арабија, Египет, Бахреин и Обединетите Арапски Емирати, кои го бојкотираа Катар, да го продолжат рокот на поставениот ултиматум.
Не е наведено дали Катар го отфрли ултиматумот, како што се очекуваше. Кувајт посредува меѓу Катар и четирите земји откако тие ги прекинаа врските со Доха, обвинувајќи ја за поддршка на меѓународен тероризам, како и дека е сојузник на нивниот регионален противник Иран. Катар категорично ги отфрли обвинувањата како неосновани.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.


