| четврток, 6 декември 2018 |

„Отело“ на Турскиот театар од Скопје доби награда на фестивалот „Инфант“

Претставата „Отело“ на Турскиот театар од Скопје од Вилијам Шекспир, а во режија на Дејан Пројковски доби награда за најоригинално истражување на еден од сегментите на театарскиот јазик на 44. Интернационален фестивал на алтернативен и нов театар „Инфант“ што се одржува во Нови Сад, Србија.

Наградата била доделена едногласно.

„Претставата „Отело“ на иновативен начин едно класично дело го прикажува во театарски експеримент. Најважен сегмент е користење на водата, која како одлично сценографско решение и ефектен режисерски потег ја зголемува актерската експресивност и воспоставува комуникација со гледалиштето. Водата во овој случај има повеќеслојна симболика“ се вели во образложението на Фестивалот.

Во претставата играат Џенап Самет како Отело, Сузан Акбелге (Дездемона), Селпин Керим (Јаго), Осман Али (Касио), Зубејде Али (Емилија) и Неат Али (Родриго).

Музиката за претставата ја подготви Горан Трајкоски, сценограф е Татјана Христоска Блажевска, костимите се на Тања Кларис, преводот на Оздемир Нутку. Главен соработник на режија е Сибел Абдиу, асистент на режија е Теодора Силјаноска, додека асистент на сценографија е Милан Несторов. Во претставата се користени искуствата на кунг-фу мајсторот Влатко Здравковски.

Македонската премиера на „Отело“ од Шекспир на Турскиот театар во Скопје се одржа на 24 јануари 2017 година. Неодамна, на 22 јуни, „Отело“ беше изведена и во рамките на петтото издание на „Битола Шекспир фестивал“.

Во својата режисерска експликација Дејан Пројковски нагласува дека истата ја посветува на актерите и сите колеги позади сцената со кои ги создавале заедничките соништа. „За актерите со кои се разбираме со поглед, со дишење , со отчукувањата на срцата… за актерите кои живеат за мигот, за она неразбирливото, за она што не се кажува со зборови, за оној свет во која што ако не веруваш не може да постои. За Селпин, Џенап, Сузан, Осман, Зубејде, Неат… за актерите со кои ги градиме и создаваме соништата. Секое креирање на нова претстава со нив, само ми потврдува дека сѐ уште има актери кои посветено работат и живеат во име на театарот… во име на Мигот кој го создаваме… Мигот наречен театар. Токму затоа оваа режисерска експликација е за моите актери преку кои јас и вие, драга публико, ја слушаме Тишината на сцената“, нагласува Пројковски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top