Репрезентацијата на Македонија ги одработува тренинзите во Скопје. Репрезентацијата на Македонија во претквалификациите за СП 2019 во ростерот ќе имa натурализиран кошаркар, а тоа ќе е Џордан Теодор, 27-годишниот кошаркар на Банвит, кој ќе биде десеттиот Американец меѓу „црвено-жолтите“. Со одлука на Владата на Република Македонија тој доби македонски пасош и стана македонски граѓанин.
Џордан е десеттиот Американец кој ќе поседува македонски пасош и ќе игра за кошаркарската репрезентација на Македонија. Тој во националниот тим го наследува Ромео Тревис, кој дојде по барање на претходникот Раца, но никогаш не ги оправда очекувањата.
Покрај двајцата гореспоменати кошаркари, македонски пасош поседуваат уште Лестер Бо Мекејлеб, Ричард Хендрикс, Маркиз Грин, Џерамаја Мејси, Дариус Вашингтон, Мајк Вилкинсон, Рајан Стак, како и Кенијон Џонс.
Тука се и Кевин Флечер, Тод Зафировски и Кенеди Винстон кои имаат македонски пасоши, но никогаш не заиграле за селекцијата. Македонски пасош минатото поседувале уште пензионираните Слободан Шљиванчанин и Владимир Кузмановиќ.
Џордан Теодор настапува за Банвит на плејмејкерската позиција и во изминатата сезона беше прогласен за МВП на кошаркарската Лига на шампиони.
Џордан на 5 јули ќе допатува во Македонија и по завршувањето на формалностите околу неговата документација ќе се стави на располагање на македонската кошаркарска репрезентација.
Во врска со Перо Антиќ, се уште нема пристигнато нова информација со неговото евентуално прикклучување на репрезентацијата и се уште ситуацијата е статус-кво со неговиот ангажман во репрезентацијата.
Македонија првите натпревари од претквалификациите ги игра против Косово и Естонија, а за пласман понатаму, во квалификациската фаза ќе мора да победи. Првиот натпревар ќе се одигра на 2 август против селекцијата на Косово.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.