| четврток, 6 декември 2018 |

Бугарски “Дневник” го поздрави поклонувањето пред бугарскиот Цар Самуил, бришењето на учебниците и затварањето на македонското поглавје на национализам

Бугарски Дневник ја анализираше посетата на Зоран Заев на Бугарија, поздравувајќи го поклонувањето пред бугарскиот Цар Самуил,бришењето на учебниците и затварањето на македонското поглавје на национализам.

Ова е текстот кој го објави Бугарски Дневник.

Посетата на македонскиот премиер Зоран Заев на нашата земја им даде основа на политичките аналитичари да зборуваат за позитивна, историска промена во односите меѓу двете соседни балкански држави. Објективно погледнато, постојат основи за такви оценки. Јазикот на дипломатијата е јазик на гестови и симболи. Поклонувањето пред споменикот на бугарскиот Цар Самоил, кое го сторија Борисов и Заев, зборовите на македонскиот премиер за неопходноста од „затворањето на страницата на национализмот“ и прочистувањето на македонските учебници по историја од „се што противречи на новиот дух на соработка“ меѓу двете држави – се јасни сигнали кои зборуваат за стремеж за зближување. Не треба да го испуштиме и фактот што бугарските патриоти, како заменик претседателот на ВМРО, Ангел Џамбаски не само што ја изоставија критиката, туку и ја поздравија посетата на лидерот на Социјалдемократската партија на Македонија (СДСМ) Заев. Но пред да биде потпишан договорот за добрососедтсво (најавено е тоа да се случи во Скопје на почетокот на август, кога двете земји заедно ќе го чествуваат Илинден) треба да бидат уредени други далеку поважни прашања. Тие излегуваат надвор од јазикот на симболите. На прво место, во член 49 од Уставот на Македонија од 17 номеври 1991 година, стои: „Република Македонија се грижи за состојбата и правата на македонскиот народ во соседните држави, како и за емигрантите од Македонија, го поттикува нивниот културен развој и ги засилува врски со нив. Република Македонија се грижи за културните, економските и социјалните права на граѓаните на републиката во странство“.

Овие зборови можат да бидат интерпретирани како давање на зелено светло или дури и поттикнување за мешање на властите на ПЈРМ во внатрешните работи на други држави, во тој смисол и на Бугарија. Одредени кругови во Скопје тврдат дека во нашата земја има „македонско малцинство“. Очигледно прашањето е политичко. Во однос на чл.49 од македонскиот Устав, искажана е загриженост не само од Бугарија, туку и од други балкански држави. Но наш интерес е тоа прашање да биде уредено и тоа да биде поставено како услов пред потпишување на договорот. Второ, спорот за природата на таканаречениот „македонски јазик“ останува. Грција не го признава неговото постоење, а редица бугарски лингвисти сметаат дека „македонскиот“ е трета книжевна норма на бугарскиот (заедно со бугарскиот книжевен јазик и јазикот на банатските бугари). Кога во 1999 година премиерите Иван Костов и Љубчо Георгиевски потпишаа декларација за пријателство и соработка, тоа се случи на јазиците на двете држави – на бугарски и на македонски јазик. Постојат основи да се тврди дека на тој начин бугарската држава направила исклучително голема отстапка кон нашата сосетка, затоа што така го признала постоењето на посебен, македонски јазик. Јазичниот спор исто треба да биде уреден пред да се пристапи кон потпишување на договорот. Трето, очекувано, чекорите преземени од премиерот Заев во однос на Бугарија беа оценети многу критично од неговите противници во Скопје, кои веднаш го нарекоа „предавник“. Ако Македонија повторно потпадне во виорот на политичка криза, тоа може не само да го осуети, туку и да го забави прогресот во односите меѓу двете држави. И покрај изнесеното, Софија и Скопје имаат траен, длабок интерес од помирувањето. Веќе 12 години Македонија е кандидат за членство во НАТО и ЕУ. На Бугарија се гледа од обичните Македонци како врата кон ЕУ, затоа што над 35.000 веќе добиле бугарско граѓанство. На прво место, Бугарија може, како што тоа јасно го истакнаа премиерите Борисов и Заев, да лобира за приемот на нашата југозападна сосетка во ЕУ и НАТО. Се разбира, основната пречка во однос на влегувањето на Македонија во НАТО останува Атина, која еднострано стави вето на кандидатурата на Скопје. Во моментов, сигналите од Атина исто така се позитивни. Спорот за името на нашата сосетка, која по инсистирањето на Атина носи привремено име „Поранешна југословенска република Македонија“ – ПЈРМ и ФИРОМ; веројатно може да биде намалено. Приемот на Македонија во ЕУ, во теорија, ќе влијае на економскиот просперитет на балканската земја, која има нешто над два милионско население. Главниот интерес на Скопје тука е насочен кон добивањето на пристап до обемните европски фондови. Но останува прашањето дали средствата добиени од Брисел, нема да потонат како вода истурена врз песок. Како што покажува индексот на Транспаренси интернешенел за 2016 година, Македонија е силно зафатена од метастазите на корупција во јавниот сектор. Земјата го зазема незавидното 90­то место. Претходните позиции во ранг листата на Транспаренси интернешенел зборуваат за „почисти“ институции, каде шампион за тоа е Данска. 75­то место на Бугарија, се разбира исто така е индикатор за тревога (нашата земја има поголем проблем со корупција не само во споредба со други земји во ЕУ, но исто така и во споредба со Руанда, Намибија, Буркина Фасо, и тн. Второ, Бугарија е еден од главните трговски партнери на Македонија како соседна држава. Нашата земја е на четвртото место по важност во овој поглед по Србија, Германија и Грција. И Скопје и Софија би добиле од подобрувањето на инфраструктурата која ги поврзува двете држави ­ изградбата на автопатот има неспорно економско значење. Трето, политичката стабилност на Македонија е клучна за Бугарија како соседна држава. Како и Бугарија, и Македонија е мултиетничка држава, која ги институционализира етничките пукнатини, за да се избегне крвопролевањето. Во неа има голем број на етнички партии. Околу 33 отсто од населението на Македонија, во која водечка религија е источното православие, се дефинираат како муслимани (етничките Албанци се најмалку околу 25 отсто од населението; Турците се околу 4 проценти, има околу 3 отсто Роми и др.) Членството на Македонија во ЕУ и НАТО би дало дополнителни гаранции за постојаноста и стабилноста на политичкиор систем на земјата: тоа би ги спречило обидите за мешање и дестабилизиација на регионот од страна на Русија. Како заклучок: политичката ситуација и конфигурацијата на националните интереси изгледаат надежно за односите меѓу Бугарија и Македонија. Веќе се работи во насока на решавање на претходно изнесените проблеми. Но јасна слика која треба да направиме за да останеме реалисти и да не паднеме во стапицата на привидната атмосфера и еуфорија од последниве денови, е дека тие продолжуваат да постојат.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top