| четврток, 6 декември 2018 |

Што се случило на погребот на Тито: Функционер од Македонија дал контроверзна наредба

Режисерот Александар Мандиќ, кој беше ангажиран во директниот телевизиски пренос на погребот на Јосип Броз Тито, на 8 мај 1980 година, ексклузивно открива во интервју за “Спутник”, што всушност се случило во моментот кога ковчегот со смртните останки на Тито бил спуштен во гробот.

Овој момент никој го нема видено, па поради тоа до ден-денеска се активни шпекулациите дека телото на Јосип Броз воопшто и не е во “Куќата на цвеќето” на белградско Дедиње.
Погребот на Тито беше настан од светски размери. Никогаш повеќе странски претседатели и државници не се собраа на едно место.

Мандиќ вели дека преносот на погребот на Тито за него била животна задача. “Колку што се сеќавам имаше 7 или 8 репортерски коли плус една камера во хеликоптер и тоа беше прв пат да се користи камера од хеликоптер. Моето репортерско возило беше на крај – пред “Куќата на цвеќето”, вели Мандиќ.

Тој додава дека звучи перверзно, но дека тој многу се радуваше на оваа работа, бидејќи беше еден од главните актери во настанот на векот.

– Ние подготовките ги почнавме уште додека Тито беше на лекување во Љубљана. Моравме да бидеме подготвени за моментот кога ќе биде соопштено дека тој починал. Колегата Мартиновиќ за таа цел набави снимки на погребот на лорд Маунтбатен, кој беше голем спектакл, а ние го гледавме тој пренос на ББС за да видиме дали нешто во нашиот случај може да искористиме, вели Мандиќ.

Режисерот потенцира дека пред погребот одржале генерална проба за да се знае кој што и каде ќе се наоѓа во директниот пренос.

– Сите бевме на своите позиции, а една полициска кола одеше полека по трасата по која требаше да се движи погребната поворка. Ние сите по ред ги вклучувавме камерите и следевме тоа што ќе го правиме на денот на погребот, но по завршување на пробата ми се јавија и ми рекоа дека нема да може да се слика самиот чин на спуштањето на ковчегот во гроб, вели Мандиќ.

Она што е најинтересно од целава приказна, која и ден-денес ја разбранува јавноста, е што наредбата да не се слика чинот на спуштањето на ковчегот со посмртните останки на Тито во гроб според зборовите на Мандиќ , ја издал еден функционер од Македонија кој во тоа време бил шеф на протокол. Мандиќ не го открива идентитетот на македонскиот функционер, но вели дека беа две надгробни плочи. Таа што сега стои на гробот на Тито е едната, но за да ја подигнат плочата неколку генерали кои го носеле ковчегот едната плоча ја преполовиле. Веќе утредента беше ставена нова плоча.

– Јас сепак некако успеав да се договорам да го снимам и чинот на спуштањето на ковчегот. Но, залудно. Токму во тој момент пред таа камера се беше црно. Му викнав на камерманот што се случува, но ништо не успеав да го разберам низ слушалките. Морав да прејдам на почесниот плотун и тој историски кадар од спуштањето на ковчегот со Тито во гробот го немаше во преносот. Подоцна се дозна дека бил ставен еден човек од УДБА пред камерата за да се попречи снимањето. Утредента веднаш почна приказната дека Тито воопшто не е погребан во “Куќата на цвеќето”, а потоа тргнаа приказните дека тој воопшто и не умрел, истакна Мандиќ за “Спутник”.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top