Започна политичката смена на директори во земјава. Откако Социјалдемократскиот сојуз ја презеде власта, почнаа да се кројат плановите за смена на лицата кои се поставени на чело на државните установи. Политичката „чистка“ започна и во Министерството за здравство. Прв на удар е директорот на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија, доктор Милан Ристески, кој, како што напишаа медиумите блиски до власта, е сменет поради учество во нередите во Собранието на 27 април годинава. На негово место е поставен доктор Нино Васев.
Истите медиуми објавија информации и за смена на други директори на скопските клиники, но Министерството за здравство се оградува од, како што велат, сите непроверени и непотврдени наводи.
-Во врска со шпекулациите во јавноста за наводно разрешување директори на скопските клиники, информираме дека Министерството за здравство досега го разреши единствено директорот на Универзитетската клиника за радиотерапија и онкологија.
Министерството за здравство се оградува од сите непроверени и непотврдени наводи, и уште еднаш потенцираме дека единствено Министерството за здравство ќе ја информира јавноста на оваа тема – велат од Здравство.
Инаку, повикувајќи се на извори од здравство, медиумите објавија дека се очекува и смена на директорката на Клиниката за гинекологија Марија Хаџи-Лега. За нејзина заменичка веќе се споменува името на докторката Викторија Јовановска. Веќе низ ходниците се шпекулира и негодува за поставувањето на д-р Јовановска. Се зборува дека таа во 2006 година била кандидат за пратеник на листата на ВМРО-ДПМНЕ, била член на Општински от комитет на ВМРО-ДПМНЕ, па дури и била унапредена.
-Доктор Јовановска не е ниту доктор на науки, ниту субцпецијалист. Нејзиното поставување изненади многумина. Се зборува дека нејзиното блиско пријателство со гинекологот Марјан Стојовски има големо влијание на поставувањето на Јовановска. Стојовски,беше директор на Клиниката за гинекологија и акушерство во времето на СДСМ и раководител на операционите сали. Тој сега е осуден е на две години затвор за примање поткуп – велат извори од ГАК.
Инаку, медиумите блиски до Социјалдемократскиот сојуз објавија дека е најавена ревизија на целокупното работење на директорката и на нејзините претходници, Сашо Јовчевски и Адела Стефанија.
Во времето на директорувањето на Хаџи-Лега се направени значајни промени на ГАК. Отворено е одделение за патолошка бременост, сопствена перална, се започна со нова метода на фетална ехокардиолографија, 3Д технологија за лапароскопски интервенции, се отвори операциона сала за лапароскопски интервенции, банка за донирано мајчино млеко, се направи соработка со бројни светки познати центри, особено значајни соработките со АКH од Виена и истражувачкиот центар за предвремено породување во Детроит, како и ред други новини.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.