Денешната посета на Софија на владина делегација од Македонија, предводена од Заев ќе биде запаметена, по изјавата на Заев дека Македонците и Бугарите имаат заедничка историја и прифати заедничко чествување на Илинден, по што ќе уследи потпишување на договор за добрососедство, кој првпат како опција беше прифатен од Бучковски, а значи чествување на голем број на празници заедно со Бугарите и воедначување на делови од учебниците по историја. Со ова Заев буквално ја предава македонската историја, култура, нација и идентитет и се израмнува со ставовите на бугарските националисти.
Своевремено од кобноста на ваквиот тип на договор, говореше академик Блаже Ристовски, татко на претседателката на ДОМ Лилјана Поповска, кој сега е во владина коалиција со СДСМ. Имено Ристовски во интервју за 24 Вести, во 2013 година по прашањето за договорот за добрососедство со Бугарија рече:
– Ништо не е спорно, само што и тие бараат да не сме Македонци, да сме во минатото Бугари , да прифатиме дека имаме бугарски корени и дека сме се родиле денеска како нова творба.
На прашање дали имаме нешто заедничко со Бугарија во моментов? Ристовски одговори:
– Заедничко имаме со сите соседи и со сите народи. Ние имаме заедничко и со Бугарија и со Грција и со Србија и со Албанија, ние сме живееле на овие простори и тоа ние најдолго сме живееле во овие простори.
Ристовски во интервју за „Република“ од 2013 година, на прашањето: – Филмот „Трето полувреме“ ги зовре страстите и во Бугарија. Министерот за надворешни работи Николај Младев рече дека не е време на Балканот да се отвори Пандорината кутија и дека Македонија води многу „антагонистичка политика“, одговори:
– Само научната вистина е во наша корист. Независно од тоа што ние во овој регион последни се јавуваме како меѓународен субјект, со извојуван и признат статус пред светската јавност, таа вистина еден ден ќе мора да биде прифатена и во регионот. Тоа што зборувате за Бугарија и наведувате такви изјави, не е ни ново ни непознато. Мислам дека тие изјави ќе спласнат кога ќе дојде конечното решение со нашето вклучување во ЕУ. Ни самите тие немаат интерес да настапат против просперитетот и нормалниот развиток на Македонија. Пријателските односи се во заемен интерес. Од друга страна, чепкањето во „Македонското прашање“ од територијален аспект автоматски предизвикува сериозна и опасна провокација и создава тензија што би имала пошироки, не само регионални последици. Затоа и тоа прашање внимателно се заобиколува, да не се допре до сржта.
А сржта е во тоа што ние сме народ со сопствена историја и култура, со сопствен јазик, со своја црква – постара од некои од соседните. Според тоа, ние сме народ со историски легитимитет и нашето историско име никој разумен не може да го негира. Но прашањето има политички аспект, па политичките и националните чувства на некои од соседите понекогаш се изразуваат и во такви форми и ненужно ги трауматизираат релациите за мирна и просперитетна соработка. Битката за името од страна на Грција, а повремено и од Бугарија, навистина е зачудувачка за светот. Но реалностите се такви и ние не можеме да избегаме од нив.
Академик Ристовски, во свое постаро интервју за дневниот весник „Дневник“ , исто така коментирајќи го историскиот спор на Бугарија со Македонија изјавил:
– Бугарија си има своја историја. Тоа што и Македонија повремено влегувала во државните граници на средновековна Бугарија не значи дека ние имаме заедничка или иста историја со Бугарија.
Ристовски кој беше жесток поборник за македонската национална самобитност и идентитет го нема да излезе со став, по денешната изјава на Заев во Софија. Останува нејасно дали Ристовски се уште стои на ваквите свои ставови или сега поради коалицијата на ќерката со Заев мора да молчи и ги заборавил своите позиции и ставови вво врска со Македонија, нејзиниот идентитет, јазик и култура.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.