Пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ, Лилјана Кузмановска денеска обвини дека за две недели откако е избран за министер за финансии, Драган Тевдовски издал државни хартии од вредност и ја задолжил државата од 13,7 милиони евра.
– Ако до пред две недели издавањето на државни хартии од вредност беше прикажувано како најголемо зло за државата и за македонскиот народ, денес тоа за СДС и нивните медиуми е најнормална активност. Ако порано медиумите, кои беа најголеми критичари на аукциите, вадеа ударни наслови државата дека се задолжила за толку и толку, денес истите ревносно истакнуваат дека со средствата ќе се исплатат аукции кои доспеваат следниот ден – факт кој редовно беше занемаруван и прескокнуван во време кога министер за финансии беше од ВМРО-ДПМНЕ, рече Кузмановска.
Според неа, СДСМ промовира едни политики кога е во опозиција, а сосем поинакви кога е на власт.
– СДС во опозиција им се закануваше на инвеститорите, на банките, дека ако купат државни хартии нема да им ги признаат кога ќе дојдат на власт. Сега на истите тие банки, нивниот министер за финансии, односно од СДС, им нуди државни хартии од вредност. Ја советуваше Владата на ВМРО-ДПМНЕ, да ги укине аукциите на државни хартии од вредност и да престане да ги употребува како инструмент за финансирање на буџетот. СДС од позиција на власт се однесува сосема поинаку од тоа што го ветуваше пред изборите, изјави Кузмановска.
Граѓаните од новата Влада и од новиот министер, како шро наведе, „очекуваат остварување на ветеното, а не шарени лаги и манипулации“. – Граѓаните очекуваат Тевдовски да ги покачи пензиите, да ја покачи просечната плата на 30.000 денари, а веднаш да обезбеди и средства за реализирање на ветената минимална плата од 16.000 денари. Докторите очекуваат плата од 100.000 денари, а СДС не смее да избега ниту од ветувањето за нови 500 километри автопат, рече Кузмановска.
Министерството за финансии во пишаната реакција на прес-конференцијата на ВМРО-ДПМНЕ посочува дека државните хартии од вредност издадени со последните две аукции се стриктно за покривање стари долгови.
– На 7 јуни по основ на стари долгови од издадени државни хартии од вредност доспеваа за враќање 499.990.000 денари. На 6 јуни беше одржана аукција на државни хартии од вредност на која беа издадени хартии од вредност во ист износ колку што беше потребен за да се покријат старите долгови. Добро е да се спомене дека побарувачката на таа аукција беше четири пати поголема од запишаниот износ, или 2,1 милијарди денари, стои во реакцијата.
Од Министерството за финансии потсетуваат дека утре доспеваат за враќање 343.540.000 денари стари долгови – по основ на веќе издадени државни хартии од вредност. На денешната аукција, како што се наведува, беше запишан скоро ист износ – 345 милиони денари, иако побарувачката беше над 507 милиони денари.
– Министерството за финансии нема направено нови долгови по основ на државни хартии од вредност како што беше посочено од страна на ВМРО-ДПМНЕ на прес-конференција и покрај огромниот интерес за државните записи од страна на инвеститорите. Аукциите се јавни, а Министерството за финансии е транспарентно и отчетно и секој кој сака може да ги провери овие суми, се вели во реакцијата.
Оттаму информираат дека издавањето на државни хартии од вредност е предвидено со Буџетот за 2017 година, каде стои дека буџетскиот дефицит ќе се финансира и преку домашни извори.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Протестен марш на ВМРО ДПМНЕ во 17 часот (во живо)
-
Отворено и транспарентно: ВМРО-ДПМНЕ со Јавен повик за кандидирање на членови на Комисии
-
Стоилковски: Заев и Спасовски да одговорат колку Иван Савидис е економски присутен во Македонија и дали има поврзаност со Владата
-
Што говореше за Уставот пред да се предомисли предавничката Александрова и да ги гласа измените? (видео)