| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО-ДПМНЕ: Граѓаните од новата Влада и од Тевдовски очекуваат остварување на ветеното, а не шарени лаги и манипулации

Во две недели откако е избран за Министер за финансии, Драган Тевдовски издаде државни хартии од вредност од 13,7 милиони евра, или како што велеше неговиот сопартиец Наумов – ја задолжи државата за 13,7 милиони евра – посочува Лилјана Кузмановска од ВМРО-ДПМНЕ.

Таа на денешната прес-конференција изјави дека ако до пред две недели издавањето на државни хартии од вредност било прикажувано како најголемо зло за државата и за македонскиот народ, денес тоа за СДС и нивните медиуми е најнормална активност.

-Ако порано медиумите, кои беа најголеми критичари на аукциите, вадеа ударни наслови државата дека се задолжила за толку и толку, денес истите ревносно истакнуваат дека со средствата ќе се исплатат аукции кои доспеваат следниот ден – факт кој редовно беше занемаруван и прескокнуван во време кога министер за финансии беше од ВМРО-ДПМНЕ – изјави Кузмановска.

Според неа, тоа  е вистинското лице на СДС. Едно зборуваат, друго прават. Едни политики промовираат кога се во опозиција, а сосем поинакви кога се на власт.

-СДС во опозиција им се закануваше на инвеститорите, на банките, дека ако купат државни хартии нема да им ги признаат кога ќе дојдат на власт. Сега на истите тие банки, нивниот министер за финансии, односно од СДС, им нуди државни хартии од вредност. СДС во опозиција ја советуваше Владата на ВМРО-ДПМНЕ, да ги укине аукциите на државни хартии од вредност и да престане да ги употребува како инструмент за финансирање на буџетот. СДС од позиција на власт се однесува сосема поинаку од тоа што го ветуваше пред изборите. Тоа е лицемерието на СДС на дело – додаде Кузмановска.

Таа посочи дека од новата Влада и од новиот Министер очекуваат остварување на ветеното, а не шарени лаги и манипулации.

-Граѓаните немаат ништо од тоа што Тевдовски е збунет и не знае што е бруто, а што е нето. Граѓаните очекуваат Тевдовски да ги покачи пензиите, да ја покачи просечната плата на 30.000 денари, а веднаш да обезбеди и средства за реализирање на ветената минимална плата од 16.000 денари. Докторите очекуваат плата од 100.000 денари, а СДС не смее да избега ниту од ветувањето за нови 500 километри автопат – изјави Кузмановска.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top