| четврток, 6 декември 2018 |

Милица Добај, сопран од Црна Гора: Класиката никогаш нема да умре, зошто од неа се почнало!

Милица Добај – сопран (Црна Гора) заедно со Ема Попивода – пијано и специјалната гостинка Наташа Сарџоска – поет и писател,  во Националната галерија Даут Пашин амам во Скопје, одржa солистички концерт. Бea изведени композиции од Дебиси, Рахмањинов, Верди, Лехар, но и арии од првата црногорска опера „Балканската царица“. Во духот на фестивалската програма, Милица изведе и композиции од Хатце како и арија од Шонберг од филмот “Les Miserables”. Специјален гостин на вечерта беше Наташа Сарџоска – поет и писател, која читаше извадоци од своите книги „Кожа“, „Тој ме повлече со невидлив конец“ и „Жива вода“ на повеќе јазици.
Милица Раичевич Добај е родена 1989 година во Бар, Црна Гора. Средоното музичко образование го завршува во музичките школи „Вида Матијан“ во Котор и „Васа Павиќ“ во Подгорица кога и се здобива со бројни награда на натпревари за млади соло пеачи. Во 2008 година се запишува на Музичката академија во Сплит во класата на проф. Нели Мануиленко од Украина. Титулата Магистар по оперска концертна изведба го стекнува во 2013 година. Од 2011 -2013 била ангажирана како соработник на оперскиот ансамбл на Хрватскиот народен театар во Сплит, со кој учествувала во работата на оперите од Џузепе Верди, Франк Супе и Рихард Вагнер.

Од големиот број на концерти во Хрватска и Црна Гора, од посебно значење се издвојува нејзиниот деби оперски настап во Хрватскиот народен театар во Сплит, во операта „Адел и Мара“. Солистички улоги имала и во оперите „Лилјак“ и „Диоклецијан“. Соработувала со хрватските диригенти: Лорис Волтолини, Нада Матошевич, Тончи Билич, Иво Липановиц, Блаженко Јурачич и Доменико Бришки.

Во јуни 2014 година го одржала и својот прв солистички концерт во Подгорица, пред дворецот на Крал Никола во Крушевац, во корепетиција на Алексеј Молчанов. Понатаму, одржува солистички концерти во Бечичи, Будва и Бар. Во октомври 2016 година, одржува солистички концерт на необично место – во халата на поранешната фабрика „Титекс“, со посебен предизвик да го оживее овој амбиент низ уметност. На концертот изведува соло арии со придружба на камерен оркестар, а престојот го искористивме за разговор со неа…

Настапувате во Скопје со солистички концерт во Даут пашин-амам. Дали за прв пат сте во Скопје? Какви Ви се впечатоците ? и Како ви се допаѓа амбиентот каде што треба да настапите?

-Ова е моја прва посета на Скопје и воедно мој прв настап во Македонија. Пријатно сум изненадена колку се луѓето приемчиви и гостопримливи, колку има знаменитости во  градот кои сами по себе ја раскажуваат својата историска приказна. Самиот Даут Пашин амам каде што ќе го одржам концертот е како од Господ даден за одржување на различни манифестации, посебно за нас оперските пејачи, бидејќи акустиката е фантастична.

Со музичко образование се стекнувате од најмали години, добитник сте на бројни награди и имате бројни настапи…Што претставува музиката за вас?

Музика – мојата вечна љубов! Нешто што ме прави целосна и ме оплеменува!Нешто што може да ја отвори секоја „затворена душа“ и да ја натера да испливаат сите емоции на површина…со музиката, вашата душа може да се исплаче или усреќи..

Од кога Ве привлече музиката? Дали отсекогаш знаевте дека ќе бидете соло пејач?

-За многумина и до ден денес е чудно од каде баш опера? Не сум имала прилика во својата земја да се сретнам, ни во ретки моменти со претставници на истата идеологија. Во мојот случај, едноставно знам дека сум се родила со  предиспозиција операта да биде мојот живот.

Во музиката се случија многу промени…Турбо фолкот завладеа со сцените на овие простори. Како да се вратиме на вистинскиот пат кон класичната музика, а шундот да се исфрли?

-На никого не треба да му се замерува за работата со која се бави и кој музички правец кој го одбрал. Според мене, треба да се остане доследен на себеси, верувајќи во својот избор, со својот талент и работа да се исплива на површина и со тоа да се докаже својот квалитет. А што се однесува до класиката, таа никогаш нема да умре! Со самиот факт дека оттаму се’ започнало.

Во индустријата на класичната музика, пак, исто така има промени…Тешко ли е да се успее денес? Што се треба уметникот да поседува за да остане успеше и на врвот?

-И во оперската – класична индустрија дојде до промени. Режисерите бараат добар физички изглед и глумачки талент, диригентите бараат вокални способности. Денес мора сето тоа да го поседувате за да успеете. Покрај тоа, тука е и публиката на која мора да се прилагоди програмата за да допре до нивните уши со добрите класични дела.

 

разговараше: Невена Поповска

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top