| четврток, 6 декември 2018 |

Ќе преживее ли Тереза Меј како премиерка?

Тереза Меј се бори за својот политички живот соочувајќи се со гневот на конзервативните пратеници и членови по изборниот неуспех, при што го загуби мнозинството во Парламентот.

Сега говорот на кралицата е одложен на неколку дена бидејќи преговорите на конзервативците со северноирската Демократска унионистичка партија (ДУП) за поддршка на малцинска влада одат потешко отколку што се очекуваше.

Дали премиерката ќе преживее – и дали тоа ќе значи уште едни општи избори ако таа е принудена да се повлече?

 

Колку долго може да остане Мeј во „Даунинг стрит“ – доколку се формира малцинска влада?

– Како актуелна премиерка и како лидерка на партијата со најмногу освоени пратенички места Меј прва го доби мандатот да формира нова влада. Меј останува на премиерското место, освен ако не ја изгуби довербата во Долниот дом.

 

Дали ДУП ќе го поддржи говорот на кралицата (штом стигне до Парламентот)?

– Северноирската партија се чини дека не се согласува со обидот на Меј да ги натера да кажат дека веќе е постигнат договор. Разговорите повторно почнаа во вторникот, но сите индикации се дека ДУП на крајот ќе попушти, во замена за поголеми дополнителни средства за Северна Ирска.

 

Но, дали конзервативните пратеници би можеле да одлучат да се ослободат од Меј?

– Да, тоа би можело да се случи. Гласањето недоверба во нејзиното раководство ќе се активира ако 48 пратеници му достават барање на Греам Брејди, претседателот на парламентарната група „Комитет 1922“, да го побара тоа. Се верува дека некои веќе испратиле такво барање. Тогаш Меј ќе биде принудена да поднесе оставка ако не успее да освои мнозинство при гласањето.

 

Дали конзервативните пратеници се подготвени да го преземат тој драконски чекор?

– За време на викендот, Џорџ Озборн ја нарече премиерката „жив мртовец“, а Ники Морган изјави дека за неа сè може да заврши наскоро, но и двајцата се противат на „Брегзит“. Конзервативците против ЕУ ќе ја поддржуваат сѐ додека таа се држи до својата цврста политика за „Брегзит“. И самиот Брејди рече: „Не гледам никаква врева од моите колеги за избор на лидер“.

Што е со предлогот за соочување со нејзините пратеници?

– Тоа ќе се случи в понеделник во 17.00 часот. Меј ќе мора да прифати дека има направено сериозни грешки и да вети дека ќе биде поинаков лидер во иднина, дека ќе остварува подобра соработка со нејзиниот кабинет и пратеници. Но, дури и ако на крајот го добие традиционалното среќно тропање по клупите, тоа не значи дека е безбедна на подолг рок.

 

Дали се можни нови општи избори ако Меј се симне од власт?

– Не. Не се одржаа веднаш избори откако таа го замени Дејвид Камерон минатата година и Законот за фиксен парламентарен мандат останува да важи, а за да се изгласаат предвремени избори потребно е двотретинско мнозинство. Тоа би значело дека е потребна поддршка и од конзервативците и од лабуристите, како што се случи кога беа распишани минатонеделните избори. Сепак, многу ториевци стравуваат дека симнувањето на Меј од власт може да предизвика низа настани, при што ќе бидат неизбежни нови избори каде што Џереми Корбин ќе биде фаворит. Ако има гласање за недоверба, сите партии имаат 14 дена за да формираат влада. Ако никој не успее во тоа, се одржуваат нови избори.

 

Што е со членовите на Конзервативната партија?

– Според една анкета спроведена за време на викендот, речиси 60 отсто од ториевците изјавиле дека премиерка мора да си ги признае грешките сугерирајќи дека конзервативните пратеници ќе се соочат со силен притисок за да се соочат со предизвикот за лидерство. Сепак, само тие пратеници можат да дејствуваат за да ја симнат од власт.

 

Па, до кога ќе издржи премиерката?

– Тоа е невозможно да се каже, но никој не верува дека конзервативната партија ќе ѝ дозволи да се бори на уште едни општи избори. Освен тоа, предвидувањата се движат од неколку месеци до околу една година, што би значело дека ќе има смена на лидерството во Британија на пола пат на преговорите за „Брекзит“ – без сомнение, на ужас на Брисел.

 

Колку ќе трае договорот со ДУП?

– Во петокот премиерката тврдеше дека нејзината нова влада ќе трае цели пет години, но администрациите на малцинска влада имаат несреќна историја, се распаднаа по само 10 месеци во 1924 година и по нешто повеќе од две години во 1929 година. Џејмс Калаган во 70-тите години траеше 17 месеци. Тие ја немаат стабилноста на формалната коалиција меѓу Камерон и Клег, која траеше цели пет години.

 

Дали овој парламент може да трае до 2022 година, како што е планирано?

– Мала е веројатноста за тоа, особено затоа што се чини дека не е можен друг сојуз на партии, со оглед на аритметиката на Долниот дом. Обложете се на предвремени избори – во одреден момент.

 

Из­вор: „Индепендент“
Пре­вод: Ана Цве­та­но­ска

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top