Гласни на уста, безгласни на дело – барем таков впечаток оставија социјалдемократите и нивните коалициски партнери со своите постапки за граѓанската иницијатива породилното отсуство место девет месеци да трае 18 месеци. Пратениците од парламентарното мнозинство составено од социјалдемократите и од албанските коалициски партнери ја одбија граѓанската иницијатива како неуредна, бидејќи во заглавието на документот, каде што стојат потписи, не е наведен Законот за работни односи туку Законот за породилно отсуство.
ВМРО-ДПМНЕ се обиде да им помогне на мајките што бараат повеќе време да поминат со своите новороденчиња, но немаше интерес од другите пратеници, барем до затворањето на овој број од неделникот. Тие го немаат потпишано законот, кој пратениците од партијата на Никола Груевски го поднесоа во Собрание, идентичен со тој на граѓанската иницијатива, секако со коригираната грешка, поради која, наводно, не помина овој закон.
– Колегите ја отфрлаат како неуредна иницијативата потпишана од 217 граѓани иако самиот нивни претседател Александар Кирацовски, на седницата на Комисијата за политички систем ја стави на дневен ред како измена на Закон за работните односи. Имаше нивни пратеници што зедоа збор посочувајќи дека е јасно за што се работи, дека жените што се потпишале на иницијативата не се изманипулирани. Но тие не прифатија – ни изјави пратеничката на ВМРО-ДПМНЕ Нола Исмајлоска – Старова.
217 граѓани што ја поттикнаа иницијативата се потпишаа во просториите на ДИК. По предлог на ДИK, исто така, е доставен и акт со кој треба да се исправи и коригира настанатата грешка и со тоа иницијативата да биде исправна. И покрај поднесениот акт, социјалдемократите ја отфрлија оваа иницијатива како неуредна.
– Оваа грешка е забележана откако почна процесот за собирање на потписите, меѓутоа, бидејќи се работи за лица-потписници во чувствителен период од животот, имено мајки што ги оставаат своите бебиња и деца за да го остават потписот, ДИK Скопје за да ни излезе в пресрет нѐ информира, односно нѐ советуваше да составиме акт со кој би се коригирала грешката на тој начин што ќе ве известиме за тоа преку актот – гласи дел од текстот што Снежана Kузмановска, како овластен предлагач, го доставила до Собранието.
Меѓутоа, не се случи. Породилното отсуство и желбата да се биде подолго дома со новороденчето заглави низ собраниските процедури, а сопирачката, главно, се појави од социјалдемократите. Кузмановска најави нови потписи, но пратеничките од ВМРО-ДПМНЕ ја презедоа работата во свои раце со цел да ја забрзаат постапката за да им се помогне на мајките што треба одново да ја повторуваат целата постапка до Собранието. Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и на коалицијата „За подобра Македонија“ ги поднесоа неопходните измени на Законот за работните односи што се однесуваат на породилното отсуство. Тие, како што посочија, сакаа да им излезат в пресрет на овие граѓани и веќе во јули да се донесат овие измени, за во август идните мајки да се израдуваат на бенефитите од продолжувањето на породилното отсуство. Но, социјалдемократите и нивните коалициски партнери, пак, со нова рампа – сега не ја потпишуваат иницијативата.
Сакавме да ја забрзаме постапката, но се покажа дека тоа што СДСМ го искажуваше како став, односно нивната поддршка за законската измена, е повеќе фарса, еве дискутираме за граѓанската иницијатива, отколку што, навистина, кај нив постои расположение да се поддржи – коментира Нола Исмајлоска – Старова.
Повеќе време за здрав психофизички развој на бебето
Подносителите на таа иницијатива сметаат дека периодот на породилното отсуство е недоволен за да се создаде здрав психофизички развој на бебето. Велат дека е погрешно да се гледа на градинките како место број еден во растењето на децата. Дополнително, дел од мајките се обраќаат за помош кај свои блиски роднини или пријатели, или, пак, ангажираат дадилки, но не можат сите да си го дозволат тоа. Затоа многу мајки се присилени да ја одберат градинката. Често таму ги пресретнува преполна соба каде што е невозможно една или две воспитувачки да им се посветат на сите бебиња. Огромен проблем со кој секојдневно се соочуваат мајките што ги оставаат децата на несоодветна возраст во градинките е болната разделба.
Уште еден проблем со кој се соочуваат мајките е доењето. Паузата што законски им следува од еден и пол час најчесто не е доволна бидејќи повеќето живеат на оддалеченост од барем половина час од своето работно место. Основна цел заради која се предлага донесувањето на овој закон е, пред сѐ, заштита на психофизичкото здравје на бебињата, со продолжувањето на породилното отсуство од девет на 18 месеци ќе се овозможи неопходен правилен пораст и развој на бебињата.
Јавна расправа за поголеми промени
Таа смета дека законската измена што ја имаат поднесено треба да биде само еден чекор од измените што треба да се направат во однос на породилното боледување.
– На комисијата што ја имавме предложивме јавна расправа на која ќе се разгледаат повеќе прашања – како, на пример, траењето на породилното отсуство за родител на предвремено родено дете, за родителско отсуство, за поделба меѓу партнерите соодветно како што ќе се договорат… Целта е да ги согледаме недостатоците и потоа, амандмански, да се додадат работи што преку јавната расправа се дефинираат како оправдани и издржани. Ние имаме наши анализи, но не сакаме да ја украдеме иницијативата на граѓаните, туку автентично ја пренесовме со цел да ја забрзаме постапката. Другите работи дополнително би се предложиле амандмански – додава Исмајлоска – Старова.
Пишман за платите, пишман за породилното
Дали, навистина, СДСМ има позитивен став за ваквите промени. Или повторно се пишман-аџија. Павле Богоевски, „шарениот пратеник“, ја покажа таа нерешителност на пратеничката група на која припаѓа. Од една страна, иницијативата треба да биде прифатена без да се собираат повторно потписи. Ама, од друга страна, треба да се направат пресметки, така како што треба да се пресмета дали нивниот лидер Зоран Заев дал реално ветување кога кажа дека ако дојдат социјалдемократите на власт, просечната македонска плата ќе изнесува 30.000 денари. А таа плата би ја добиле за повеќе од две години…
– Крајната одлука ќе зависи од финансиските импликации. Треба да добиеме материја со финансиските импликации што ќе ги предизвика ова барање за три, шест и за девет месеци и, исто така, колку би ја чинело државата доколку првите девет месеци од породилното се субвенционираат од државата – посочи тој.
Породилни отсуства низ светот
Искуствата од другите земји во врска со времетраењето на породилното отсуство се различни. Доколку породилното отсуство се зголеми од девет месеци на 18, Македонија ќе биде единствена држава во регионот со толку долго отсуство на работничките поради раѓање дете, покажуваат споредбените податоци со земјите од поранешна Југославија. Во европските држави породилните отсуства се пократки. На пример, Шведска, Велика Британија и Германија имаат по 14 недели породилно отсуство, при што само Германија го исплаќа целосно, додека во Шведска и во Велика Британија компензацијата е по 80 отсто. Во Франција и во Холандија на мајките им се дозволени по 16 недели отсуство од работа, во Канада и во Грција по 17 недели, а по 18 недели дозволуваат Финска и Данска. Во Полска породилното отсуство е 26 недели, во Бугарија 32 недели, а во Норвешка 35.
Пишува: Билјана Зафирова
(Текст објавен во 250. број на неделникот „Република“, 16.6.2017)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Протестен марш на ВМРО ДПМНЕ во 17 часот (во живо)
-
Отворено и транспарентно: ВМРО-ДПМНЕ со Јавен повик за кандидирање на членови на Комисии
-
Стоилковски: Заев и Спасовски да одговорат колку Иван Савидис е економски присутен во Македонија и дали има поврзаност со Владата
-
Што говореше за Уставот пред да се предомисли предавничката Александрова и да ги гласа измените? (видео)