| четврток, 6 декември 2018 |

Бруно Виејра Амарал, португалски писател: Доколку ви се укаже шанса, максимално искористете ја!

Јас не планирав да станам писател, иако се гледав себеси како писател (без издадена книга, и толку). Одев чекор по чекор, и длабоко верувам дека кога правите добра работа, луѓето на крајот ќе ја забележат, вели Амарал

Бруно В. Амарал, писател од Португалија, за првпат гостуваше во Македонија по повод промоцијата на неговото дело „Првобитните нешта“. Романот го објави издавачата куќа „Или-или“ од Скопје, во превод на Наташа Сарџовска и, како што ни кажа Бруно, ова е негов прв преведен роман воопшто.

Роден е во 1978 година во Португалија и работел како книжевен критичар и преведувач. Дипломирал современа историја на Универзитетот во Лисабон, но работел како книжевен критичар во повеќе списанија и зборници, автор е на разни блогови, преведувач, уредник на слисанието „ЛЕР“ и извесен период бил одговорен за комуникации во издавачката куќа „Групо Бернард“. Исто така, ја добил престижната награда „Жозе Сарамаго“ и е прогласен за еден од десетте „Нови книжевни гласови на Европа“ за 2016 година.

За романот „Првобитните нешта“, кој сега е преведен на македонски јазик, ги добива наградите „Книга на годината“ на списанието „Тајм аут“, наградата „Фернандо Намора“, како и наградата н ПЕН за проза. Покрај овој роман, Амарал е автор и на „Водич низ 50 ликови на португалскиот расказ“ и „Денес ќе бидеш со мене во рајот“.

Престојот во Скопје го искористивме да поразговараме со Бруно за литературата, нејзиното значење, состојбите во неа, наградите, читањето…

Дали сте првпат во Македонија? И воопшто во овој дел од Европа?

-Да. Пред неколку години бев во Унгарија и тоа беше сè.

Во романот „Првобитните нешта“, кој е објавен на македонски јазик, на почетокот велите „Да се најде утеха во уметноста е разумна замена за религијата“. За што говори ова Ваше дело?

-Тоа е една реченица во која, навистина, верувам. Нашите општества, во Западна Европа, стануваат сè посекуларизирани, но духовните потреби се тука за луѓето да се обидат да ги пополнат празнините не само со уметноста, туку и со широк спектар на искуства поврзани со оригиналните верски чувства. Во книгата се говори за некој што е принуден да се врати во местото каде што израснал. Тој го мрази местото и луѓето што живеат таму, но на крајот сфаќа дека за да почне одново треба да се помири со самиот себе, да се помири со тоа место и со тие луѓе. И тој го прави тоа преку приказните на другите луѓе.

Ги добивте наградите „Книга на годината“ на списанието „Тајм аут“, наградата „Фернандо Намора“, како и на ПЕН наградата за проза….Што претставуваат наградите за Вас? Како гледате на нив? Задоволство или, можеби, обврска?

-Наградите се важни бидејќи многу читатели никогаш немаше да слушнат за книгата ако не беа тие. Парите се, исто така, важни. Иако сум писател, имам сметки за плаќање и кирија на сопственикот на станот, кој е многу мудар човек, но не прима убави зборови во замена за кирија. Португалскиот книжевен пазар е мал, па парите што ги добив со наградите ми овозможија да се откажам од работата и да се посветам само на пишувањето.

По вокација сте историчар, но литературата некако преовладува во Вашиот живот и се јавувате како книжевен критичар, преведувач, писател…Отсекогаш ли знаевте дека пишувањето е Вашата определба? Како станавте писател?

-Случајно, како и многу други работи што се случија во мојот живот. Историјата не беше мојот прв избор, но ете завршив таму, бидејќи сакав да си докажам себеси дека сум способен да довршувам нешто што сум го почнал. Неколку години подоцна, бев поканет да пишувам рецензии за еден весник и ја искористив шансата. Ако би бирал некое мото, би го избрал следното: „Доколку ви се укаже шанса, максимално искористете ја“. Јас не планирав да станам писател, иако се гледав себеси како писател (без издадена книга, и толку). Одев чекор по чекор, и длабоко верувам дека кога правите добра работа, луѓето на крајот ќе ја забележат.

Со оглед на фактот дека работите како преведувач дали некогаш сте се сретнале со македонски автор? Дали сте ја запознале македонската литература?

Не, навистина досега немав можност.

Еден хрватски писател во интервју ми рече дека доколку би можел да преживее од тоа, тој само би бил читател. Но, со оглед на фактот дека од тоа не може да се живее, да се плакаат сметки, храна…мора и да пишува. Каков е Вашиот однос кон читањето? Сметате ли дека е тоа важно?

-Верувам дека читањето е основа за секој иден писател, но читањето, особено ако зборуваме за книжевна фикција, е и отсекогаш било привилегија, луксуз кој само малкумина можат да си го дозволат. Треба да го имаме тоа предвид кога станува збор за книжевноста како еден вид на лек за сите зла, што не е така.

 

разговараше: Невена Поповска

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top