Менаџерот на најдобриот македонски фудбалер Горан Пандев, Карло Палавичино завчера објави дека „ил феномено“ останува во Неапол, но медиуми блиски со наполитанците најавуваат оти летово капитенот на „рисовите“ сепак би можел да го напушти клубот.
Откако Рафаел Бенитез и официјално седна на клупата на Наполи, негова прва желба е во тимот да дојде Фернандо Торес, шпанскиот напаѓач со кој работеше и во Ливерпул и во изминативе месеци во Челси. Доаѓањето на Торес, најавата за засилување со уште еден напаѓач во случај да замине Кавани, според медиуми блиски на Наполи ќе значи и заминување на Пандев.
Најавите се дека Наполи веднаш би се согласил да го продаде македонскиот фудбалер, ако некој клуб би издвоил помеѓу седум и девет милиони евра. Се потенцира дека Пандев беше еден од недопирливите во Наполи додека на клупата седеше Валтер Мацари, кој замина во Интер, па сега под Бенитез не е во таа група и тој би добил одврзани раце за трансфер во случај на добра понуда.
Во изминатиов период се шпекулира дека Монако, зад кој стои рускиот милијардер Дмитри Риболољев и кој досега потроши речиси 150 милиони евра на засилувања е заинтересиран да го види и Пандев во своите редови.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.