Во врска со настанатите оштетувања на споменикот на културата „Чифте-амам“ во Скопје по вчерашното невреме уште од вчеравечер интензивно се преземаат неопходните итни заштитни интервенции за санирање, како и теренските оценки на стручњаците за трајно решавање на проблемите, информираат од Министерството за култура.
„Веќе денес, НУ Конзерваторски центар – Скопје формира стручен тим за итен увид и констатирање на состојбата на споменикот Чифте-амам, чијашто должност ќе биде најитно да подготви извештај, кој покрај констатациите за оштетувањата, треба да содржи и итни мерки за заштита, посебни ограничувања, рокот во кој треба да се преземат мерките за заштита и процена на потребните финансиски средства за изведба на овие зафати.
Поради можноста од ново невреме во овој период, НУ Национална галерија е задолжена веднаш да изврши поставување на привремени елементи (стакло, плексиглас и сл.) на местата на оштетените делови во куполите, за да се спречи натамошното оштетување на објектот“, се вели во соопштението на Министерството за култура.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.