Делови од грчките острови во Средоземното море утре и задутре ќе бидат на удар на исклучително моќна и ретка бура, слична на ураган или тајфун. Според наводи на ЦНН, станува збор за хибридна бура, која честопати се нарекува „медикејн“. Во последните неколку денови, оваа бура го опустоши крајбрежјето на Тунис и Либија, а сега преку Медитеранот се движи на север, кон Европа. Се наведува дека бурата при преминот на Средоземното Mоре веројатно ќе добие карактеристики на ураган, а се очекува во текот на утрешниот ден да мине преку островот Крит и јужниот дел на Грција и потоа да забрза кон западна Турција. Области во Грција и Турција ќе бидат погодени од обилни врнежи и силни ветришта.
Истовремено, Националната опсерваторија на атинската Метеослужба предупреди на евентуално формирање тропски циклон во Јонското Море. Поради циклонот наречен Ксенофон, чамците се закотвени во последните три дена.
„Јавноста треба да очекува силни ветрови и поројни дождови, особено во јужните делови како Пелопонез, Крит и западните Кикладски острови. Во сабота невремето ќе дојде во јужна и источна Атика. Бурата ќе биде во две фази, проследена со силни дождови“ – Националната опсерваторија за метеоролошки работи на Грција
Грчките власти издадоа наредба за затворање на училиштата во областа Атика и во уште 8 други региони. Одлуката е донесена како мерка на претпазливост, со цел да се ограничи движењето на децата на отворено, поради екстремните и опасните временски услови што се очекува да преовладуваат. Инаку, во северните предградија на Атина од вчера има прекини на електричната енергија, главно предизвикани од паднати дрвја и гранки врз електричните далноводи. Најголема штета има во Јанина, каде што од силниот ветер се урна минарето на џамијата Аслан-паша, кое датира од 17 век.
Иако Агенцијата за цивилна заштита ги презема сите превентивни мерки, властите во Грција апелираат јавноста да биде особено претпазлива, се додека хибридната бура целосно не ги напушти териториите низ кои ќе мине.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Расистички скандал во Грција: Коментатор нарече црномурест играч „мајмун“
-
Нова демократија: Владата се наоѓа во распаѓање поради Договорот од Преспа
-
Невреме го зафати јужниот дел на Франција, најмалку шест жртви (Видео)
-
Воружен инцидент на границата со Грција: Војници на АРМ отвориле оган во обид да спречат поголема група мигранти да влезат на македонска територија!