| четврток, 6 декември 2018 |

Цуцуловски: Како волците станаа јагниња

Како некои ги менуваат своите ставови согласно своите потреби… На оваа тема вчера на својот фејсбук профил коментираше професорот Љубомир Цуцуловски, испровоциран од дебатната емисија на ТВ Нова каде учесници беа д-р Александар Даштевски и м-р Диоген Хаџикоста Милевски.

Цуцуловски напиша:

КАКО ВОЛЦИТЕ СТАНАА ЈАГНИЊА. Сношти, на ТВ Нова, ја гледав дебатната емисија „Отворено студио“. Учесници беа д-р Александар Даштевски и м-р Диоген Хаџикоста Милевски. Како човек кој се залага за членство во НАТО, г-дин Милевски нагласи дека промената на името, како услов за влез во Алијансата, не била понижување пред притисоците однадвор, бидејќи и со променето име ќе сме можеле, самите себе, да се именуваме како што сакаме. Слушајќи ја тезата на овој фин господин, се присетив на една моја изјава, дадена пред 25 години, за весникот „Нова Македонија“. Изјавата ја пренесувам во целост:

„Во ставот дека Република Македонија може за интерна употреба да се нарекува како сака, но дека за светот ќе мора да го смени своето име се крие ужасна ароганција и хипокризија. Тоа е како некому да му речете дека може себеси да се нарекува како што сака, па дури себеси да се смета за император, но дека во стварноста тој ќе биде третиран како роб, поданик или послушник. Таквиот однос е неодговорен. Европската заедница ќе нè признае онака како што сме според Уставот (Република Македонија) или, во спротивно, подобро е воопшто да не нè признаваат.“ („Нова Македонија“, 30.06.1992, стр. 3)

Истата изјава ја преобјавив и во мојата книга „Сведоштва и коментари“ (Култура, 1999, стр. 177) Оттогаш мина четврт век, но ставот за ова прашање не сум го променил. Некои сметаат дека единствено идиотите и стоката не се менуваат – секогаш останувале исти. Можеби! Меѓутоа, на оваа забелешка секогаш одговарам дека некои се менуваат, без особена причина, на идиотски начин, менувајќи ги своите ставови од прилика до прилика, сè до некоја наредна прилика. И во оваа дебатна емисија можеше да се чуе мислењето дека членството во НАТО ќе обезбедело целосна сигурност на Република Македонија. Да претпоставиме дека е така. Сепак, нејасно е зошто би членувале во НАТО, кога скоро сите соседи на Македонија се членки на мирољубивата Алијансата. Поинаку кажано, нашите соседи (некогашните страшни волци), како членки на НАТО, сега се мирољубиви јагниња, кои, токму заради нивната питомост, ја гарантираат нашата безбедност. Додуша, Србија и Косово не членуваат во НАТО. Меѓутоа, Косово е под контрола на НАТО, а не гледам причина зошто би биле нападнати од Србија, која и така не знае што да прави со себе, па ѝ треба уште и Македонија. Но, можеби, дезинтегративната сила се наоѓа внатре, во Република Македонија? Но, ви се молам почитувани, која би била таа внатрешна сила? Според тоа, зошто да се биде членка на НАТО, кога НАТО е насекаде околу нас? Прашањето е јасно, само што одговорот никој не го кажува разбирливо и јасно. Меѓутоа, секогаш е така кога се работи за празни и лажни сказни.

Во меѓувреме, Божидар Димитров, директор на Националниот историски музеј на Бугарија, изјави дека Република Македонија би можела да се преименува во Југозападна Бугарија. Кога некогаш тврдев – се разбира, во шега – дека Бугарија е Североисточна Македонија никој не ми веруваше, како што и никој не ми веруваше кога тврдев дека ако со Бугарите сме ист народ, тогаш следи дека Бугарите се Македонци, кои живеат источно од Македонија и во убедување дека се нешто различни од Македонците, макар што се источни Македонци. Меѓутоа, каква вредност има тоа што го тврдев (макар што, практично, се шегачев) кога кај нас, во Македонија, повеќе се цени туѓото, отколку сопственото мислење? Оваа особина, оваа несфатлива љубов кон сè што е странско, својствена е единствено за полуинтелектите од провинцијален и поданички вид. Нив, за жал, ги има насекаде околу нас. За грст, што ќе рече за шака долари, тие би… Кутар Серџо Леоне, знаеше точно што отсликува, снимајќи го филмот „За грст долари“. Премногу ја знаеше човечката природа. Затоа, скоро сите негови филмови можат да се подведат под заеднички имените/поднаслов: „Беше еднаш…“

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top