| четврток, 6 декември 2018 |

ВМРО ДПМНЕ: СДСМ не смее да ги игнорира реалните проблеми на земјоделците и мора да почне да работи

СДСМ не смее да ги игнорира реалните проблеми на земјоделците и мора да почне да работи, бидејќи земјоделците очекуваат новата Влада да ги решава проблемите со кои се соочуваат, порачува ВМРО-ДПМНЕ.

– Земјоделците се соочуваат со проблем поврзан со откупот на земјоделските производи, а во моментов алармантна е ситуацијата со производителите на праски во државава. Според информациите кои ги имаме голем дел од родот во моментов пропаѓа, а земјоделците претрпуваат штета, рече Ванчо Костадиновски на денешната партиска прес-конференција, нагласувајќи дека се засегнати сите производители на праски и оти имаат проблем и со откупот и со цената.

Тој посочи дека минатата година родот се откупуваше без проблеми, а цената на праските изнесуваше од 35 до 50 денари по килограм, за разлика од годинава кога, како што рече, постои реален проблем со откупот, а цената се движи околу 20 денари.

– СДС ветуваше дека ќе формира интервентен фонд од 6 милиони евра помош за земјоделците. Земјоделците од СДС очекуваат исполнување на ветувањата и подигнување на нивниот стандард. На земјоделците им се потребни средства кои ќе ги имаат на располагање во секое време и мерки за помош и развој на земјоделството. Токму тоа го има во изминатите години од Владата предводена од коалицијата на чело со ВМРО-ДПМНЕ, потенцира Костадиновски.

Потсети дека во 2016 година беа одвоени 12 милиони евра за покривање на штетите од временските непогоди, а, како што рече, за разликата од производната до продажната цена на некои земјоделски култури се исплаќаа надоместоци што изнесуваа преку 6 милиони евра за одредени култури.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top