| четврток, 6 декември 2018 |

Бутрагењо и Саха се сретнаа во Скопје како најава за мегаспектаклот

 

Скопје и „Телеком Арена“ на 8.август ќе бидат во фокусот на светската фудбалска јавност, која ќе го следи мечот од Суперкупот на Европа меѓу европскиот првак Реал Мадрид и победникот на Лигата на Европа, Манчестер јунајтед. Ќе биде тоа мегадуел на големите европски гиганти, а Македонија ќе биде центарот на светот.

Како промотери на Суперкупот, во Скопје пристигнаа Емилио Бутрагењо, директорот на Реал Мадрид, и Луис Саха, поранешниот фудбалер на Манчестер јунајтед, кој сега е дел од клупските структури. Најавија дека Суперкупот ќе биде вистински празник, а двата клуба посакуваат да го освојат трофејот.

-Ви благодарам за гостопримството. Дојдовме вчера, и веќе ја почувствувавме добрината на Македонија. Мило ми е што тука ќе се одржи ваков мегадуел, бидејќи ќе играат едни од најдобрите фудбалски екипи во светот. Ние како Реал Мадрид, сме многу среќни, затоа што оваа сезона ги освоивме и Ла Лига и ЛШ. Имаме добар состав, но знаеме дека Манчестер јунајтед ќе биде тежок противник. Секој меч за Реал е ново финале, и секако дека сакаме да го освоиме и овој трофе“, изјави Емилио Бутрагењо.

Луис Саха, како претставник на Манчестер јунајтед, се надева дека „црвените ѓаволи“ на 8.август во Скопје ќе се радуваат на пехарот во Суперкупот на Европа.

-Ви благодарам што ја имам можноста да зборувам за Манчестер јунајтед, тоа е тим кој сака константо да се докажува. Задоволство и престиж е да се игра против Реал Мадрид. Уште поголемо задоволство е што ќе го видиме Роналдо против својот Јунајтед. Нормално, тие се фаворити, ја одбранија титулата во ЛШ, но и Манчестер јунајтед има шанса да направи нешто специјално. Роналдо е феноменален, но пријатно сум изненаден и од тренерот Зинедин Зидан. Играв со него во репрезентацијата на Франција и не ни помислував дека еден така мирен човек би можел да биде тренер. Но, Зидан стана одличен тренер и веќе го освои и пехарот во ЛШ. Тоа секако е импресивно“, истакна Луис Саха.

Генералниот секретар на ФФМ, на претставниците на Реал Мадрид и на Манчестер јунајтед, на крајот им подари и по еден дрес од македонската фудбалска репрезентација.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top