Рафаел Надал е нервозен кога игра против Новак Ѓоковиќ, а вели дека токму српскиот ас му е најтешкиот противник на неговата омилена подлога, земјената. Токму на најбавната површина во тенисот се игра и „Ролан Гарос“, а полуфиналето меѓу овие двајца тенисери е мегаспектакл во најава. Ѓоковиќ го победи Надал во финалето во Монте Карло и го спречи да се запише во историјата како прв тенисер што освоил осум титули по ред на тениски турнир. Сега е слична ситуацијата, само што Надал не е во серија од 7 титули на Ролан Гарос, туку тоа е вкупниот број на трофеи на Шпанецот на гранслемот во Париз. Ако успее повторно да победи ќе биде единствен во историјата со осум круни на ист гранслем.
– Чувствувам нервоза пред полуфиналниот меч. Па, ако не е така, особено против најдобриот тенисер на светот, тогаш подобро да си ги спакувам куферите и да си одам дома. Тоа би значело дека не уживам во тенисот. Вака е подобро, нервозен сум, што е добар знак – вели Надал.
Пресметката со Ѓоковиќ, што ќе се игра утре, е финале пред финале, а стручњаците сметаат дека победникот од овој дуел лесно ќе излезе на крај со следниот противник од второто полуфинале меѓу Давид Ферер и Жо Вилфрид Цонга.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.