Десет академски сликари од Македонија, Црна Гора, Бугарија и Србија од денеска до петок ќе сликаат во Градската библиотека „Браќа Миладиновци“-Скопје инспирирани од творештвото на десет познати македонски поети.
Првата поетско-ликовна колонија која ја иницираше Библиотеката е именувана „Нацртај песна“. Учесници се шест македонски сликари: Сергеј Андреевски, Емил Шулајковски, Илија Стојковски, Јасмина Трпевска, Александра Ацеска и Христина Маневска, двајца од Црна Гора – Драган Мијац-Бриле и Јакша Чаласан, како и Мирослав Живковиќ од Србија и Роман Кисјов од Бугарија.
Секој од нив ќе создава уметничко дело по мотиви на десет антологиски песни: „Болен Дојчин“ од Блаже Конески, „Валпургиска ноќ“ од Славко Јаневски, „Ана“ од Јован Котески, „Мајсторот и мостот“ од Анте Поповски, „Дениција“ од Петре М. Андреевски, „Небесен камен“ од Петар Т. Бошковски, „Гледач во пепелта“ од Ацо Шопов, „Лесновските ѕвона“ од Чедо Јакимовски, „Седум навраќања на мотивот трепетлика“ од Гане Тодоровски и „Лимон“ од Љубен Ташковски. Песните ги избра жири во состав Иван Џепароски, Бранко Цветкоски и Братислав Ташковски.
Братислав Ташковски, идејниот творец на првата поетско-ликовна колонија која е поддржана од Град Скопје, на прес-конференција рече дека целта е да се направи спој на напишаното и насликаното, како што рече – синергија на две креативни енергии и естетики.
– Целта е овие дела да бидат зачеток на нова колекција на нашата Библиотека и на Град Скопје, каде песните од наши истакнати поети ќе бидат насликани од исто така истакнати академски сликари од Македонија и од странство. Како што рекол Да Винчи: „Сликарството е поезија која е видлива, но не може да се слушне. А поезијата е сликарство што се слуша, но не може да се види“, рече Ташковски.
Во рамки на колонијата, в четврток од 20 часот Библиотеката ќе организира хепенинг на кој уметничките дела што се направени ќе ги прикаже на видеобим, а во исто време актери ќе ги читаат песните кои се иснпирација за нивното создавање. Наесен тие ќе бидат претставени на изложба во рамки на манифестацијата „Бела ноќ“ и ќе бидат опфатени во посебен каталог.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.