Најдобриот шпански тенисер на сите времиња, Рафаел Надал, не го криеше своето задоволство од освоената 10. титула на Ролан Гарос. „Кралот“ на земјената подлога вчера во финалето во Париз по атомски тенис го сруши Стан Вавринка и стана единствениот тенисер кој може да се пофали со двоцифрен број на титули од еден Грен слем.
– Совршен Ролан Гарос. Играв одлично низ текот на целиот турнир. Не го променив стилот на игра во однос на претходната сезона, а не играв ниту повеќе агресивно, но кога играш добро резултатите си доаѓаат сами по себе. Добро што не минав долго на терен и сетовите ги решавав навремено. Нема посебна тајна. Успехот се постигнува со секојдневна работа. Мене тој успех ми се случи десет пати тука и заради тоа сум пресреќен. Се чувствувам одлично, минат тежок период со многу повреди и падови, но ете пак се вивнав до врвот – изјави Надал.
31-годишниот тенисер од Мајорка овој успех на Ролан Гарос му донесе драстичен скок на АТП листата и од денес е вториот рекет на светот.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.