| четврток, 6 декември 2018 |

Остапенко: Сеуште не можам да поверувам дека јас сум победничка на Ролан Гарос

Летонската тенисерка Јелена Остапенко стана сензационална победничка на гранслем турнирот Ролан Гарос, откако во големото финале ја совлада Романката Симона Халеп со 2-1 во сетови. За неа тоа е прв трофеј воопшто на ВТА турнирите, и веднаш од „големиот шлем“. Како што вели, самата не може да поверува какво чудо направи.

– Не можам да поверувам дека јас го освоив Ролан Гарос. Ако е сон, ве молам, не ме будете. Сакам да уживам. Навистина сум пресреќна – изјави Јелена Остапенко, откако ја совлада Халеп.

20-годишната сензација вели дека само решила да го удира топчето најсилно што може.

– Не бев нервозна, но во еден момент почувствував дека мечот ми се лизга од рацете. Тогаш решив, ќе удирам по топчето најсилно што можам. И тоа се исплатеше, почнав да погодувам, и ја презедов иницијативата – објасни Остапенко.

Во финалето во машка конкуренција, денеска силите ќе ги одмерат Рафаел Надал и Станислас Вавринка.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top