Состојбата во која се наоѓа блиндираниот мерцедес најдобро покажува како СДС се грижи за државниот имот. Токму владиното мнозинство го води Министерството за внатрешни работи скоро цела година и нивна е одговорноста за состојбата во којашто се наоѓа возилото, соопшти ВМРО-ДПМНЕ реагирајќи на изјавата на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кој денеска пред медиумите го покажа „мерцедесот С-класа“ од 600.000 евра купен пред пет години од Владата што ја предводеше ВМРО-ДПМНЕ.
– Доколку СДС смета дека мерцедесот е непотребен, може да го продаде. Ваквите возила не губат на вредност доколку се добро одржувани, смета ВМРО-ДПМНЕ. Во соопштението партијата наведува за кои делегации се користел мерцедесот во периодот од 17 септември 2012 до 16 септември 2016 година. Меѓу гостите кои се возеле во него ги набројува: Штефан Филе, Томислав Николиќ, Ивица Дачиќ, Борут Пахор, Иво Јосиповиќ, Бранислав Комодовски, Нгуан Ти Доан, Виктор Орбан, Евангелос Венизелос, Андреас Фог Расмусен, Ендру Шер, Зоран Милановиќ, Ахмет Давутоглу, Колинда Грабар-Китаровиќ и Милош Заман.
Опозициската партија во дописот наведува дека на новата Влада е одговорноста дали во вакво возило би ги превезувале високите делегации кои би доаѓале во Република Македонија, а кои се обезбедуваат со прв, втор и трет степен безбедносни мерки.
Според ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ нема идеи со кои би излегле пред граѓаните, а дека тие во изминатите десет години реализирале стотици проекти за подобрување на условите за работа на полициските службеници.
– ВМРО-ДПМНЕ за потребите на полицијата набави: 250 нови возила во полициска изведба „шкода – јети“ и „шевролет – спарк“, беа набавени уште 300 други возила, четири хелихоптери, три теренски возила за потребите на Одделот за информатика и телекомуникации, две специјални возила цистерни наменети за интервенции при нарушување на јавен ред и мир, скутери за сообраќајната полиција. Набавени се нови интервентни возила за потребите на полициските станици, интервентни оклопни возила за потребите на посебните полициски единици, како и посебни возила за превоз на единицата за службени кучиња. Реновирани се десетици полициски станици, а од темел целосно се изградени и нови, наведува партијата.
Набавени се нови форензички лаборатории, а од затекнатите 400 компјутери во 2006 година, се додава во дописот, МВР го зголеми бројот за десет пати повеќе.
– Покрај несогласувањата на СДС донесен е нов Закон за внатрешни работи и на полициските службеници им се овозможени подобри услови за пензионирање и повисоки плати преку процесот на усогласување. Реализацијата на овие, но и на многу други проекти, придонесе за реализација на стотици успешни акции со кои македонската полиција се профилираше како релевантен меѓународен партнер, пишува во реакцијата на ВМРО-ДПМНЕ.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Протестен марш на ВМРО ДПМНЕ во 17 часот (во живо)
-
Отворено и транспарентно: ВМРО-ДПМНЕ со Јавен повик за кандидирање на членови на Комисии
-
Стоилковски: Заев и Спасовски да одговорат колку Иван Савидис е економски присутен во Македонија и дали има поврзаност со Владата
-
Што говореше за Уставот пред да се предомисли предавничката Александрова и да ги гласа измените? (видео)