Собраниската комисија за прашања на изборите и именувањата на денешната седница ги прифати барањата за апанажа на 38 пратеници од минатиот состав, додека на следната седница што претседателот Илија Димовски ја закажа за во вторник ќе биде разгледувано и едно барање за отпремнина на пензија на поранешен пратеник.
Меѓу барањата за апанажа се и оние на Рамиз Мерко и Хазби Лика кои станаа вицепремиери во новата Влада и на Лилјана Поповска која повторно стана пратеник по испразнувањето место на листата на која што беше кандидирана. Мерко, Лика и Поповска ќе добијат надомест за периодот од престанокот на функцијата пратеник до назначувањето на новите функции.
Пратеничката Љубица Буралиева, пак, има поднесено барање за отпремнина до пензионирање што е предвидено со последните измени на Законот за плати и надоместоци на избрани и именувани лица од 2014 година.
Според овој Закон е предвидено пратениците да земаат апанажа до една година во зависност од тоа колку месеци биле на оваа функција, но најмногу до една година.
На третата седница во вторник треба да биде изгласан составот на сите парламентарни комисии. Како што кажа Димовски, тоа не се случи на денешната седница бидејќи една од политичките партии не доставила список со предлог-членови на комисиите, а друга немала комплетирани имиња.
Доколку составот на парламентарните комисии биде потврден на седницата на Комисијата за прашање на изборите и именувањата, тие ќе бидат изгласани од страна на Собранието на седницата закажана за среда, 14 јуни.
Исто така, на седницата беа констатирани известувањата за промена на имотната состојба на членовите на Државната комисија за спречување корупција Фалие Алиу и Горан Миленков. Димовски информираше дека членовите на Комисијата имаат право во деновите до следната седница на Комисијата да направат увид во доставените обрасци.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.
Поврзани вести
-
Ситуацијата е алармантна и треба да се реагира: Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата поднесоа Информација за енормното загадување на воздухот
-
Пратениците на ВМРО-ДПМНЕ до Собранието доставија предлог за формирање Анкетна комисија
-
Граѓанин вербално ги нападна Стојаноски, Лазаревска и Тунтев, интервенираше полицијата (видео)
-
Пратениците ќе добијат уште една бенефиција: Пратеник што ќе изнајми стан во Скопје добива 400 евра