Најавените промени во даночниот систем можат да предизвикаат економски турбуленции, чиишто последици ќе треба да се санираат подолго време. Зголемувањето на даноците за една категорија граѓани ќе значи создавање голем јаз меѓу луѓето со пониски и со повисоки примања, но и отворање простор за наоѓање заобиколни патишта за неплаќање на повисоките даноци, односно ќе се зголеми бројот на затајувачи на данок. Така место да се зголемат, даночните приходи во буџетот ќе се намалат. Две даночни стапки на персонален данок на доход од 10 и од 18 отсто значи разлика од 80 проценти, која е преголема и неодржлива и нема да ги даде потребните фискални ефекти.Вториот најавен концепт е кај социјалните давачки, односно придонесите со кој би се отворил горниот лимит за пресметување на социјалните придонеси, па платите што се повисоки ќе немаат лимит од шест бруто-плати на кои ќе се пресметува придонес, а остатокот да остане со персонален данок, па во овој дел се очекува обид платите да се претворат во друга форма на примања, како бонуси, акции, дивиденди, за да се избегнат повисоките давачки.
-Повеќе, во секој случај, не значи и подобро. Тоа се однесува на зголемување на даноците. Да, побогатите ќе плаќаат повисоки даноци, но која ќе биде границата за да се види дали примањата се над или под таа граница. Воведувањето на рамниот данок значеше воведување еднаквост за сите. Граѓаните се еднакви пред системот на данок. Тоа што некои заработуваат повеќе не значи дека треба да бидат казнети. Едноставно, се работи за склоп на околности што довеле до тоа некој да биде на повисоката скала во општеството. Воведувањето две даночни стапки со толку голема разлика меѓу нив може да влијае стимулативно само за граѓаните со повисоки примања да наоѓаат начини за заобиколување на плаќањето даноци- велат стручњаците.
Стручњаците велат дека ова е идеолошки концепт со кој се напушта рамното оданочување.
– Немаат пресметки што ќе значи ова од фискален аспект, односно дали ќе се зголемат даночните приходи на државата, ниту има анализи како ова автоматски ќе значи дека ќе се намали сиромаштијата. Ако се напушти рамниот данок кај персоналниот данок на доход, тоа значи фискална неизвесност за тешко здобиената финансиска дисциплина што ја имаме сега во Македонија. Секој што ќе може, ќе најде начин да избегне да влезе во категоријата што плаќа повеќе и нема да плаќа. И како ќе се одредува доходот? Па ако некој млад инженер сега има голем доход, тоа не значи дека е богат. Можеби зел кредит, нема наследство, нема ништо настрана. А истовремено некој пензионер има неколку куќи, станови, а помал доход од инженерот – вели Трајко Славески, професор и поранешен министер за финансии.
Професорот Живко Атанасовски, еден од креаторите на македонскиот даночен систем, вели дека уште веднаш е јасно дека прогресивното оданочување во прв момент ќе има негативен ефект, ќе поскапи работната сила, а стопанството ќе трпи.
-Kога се менува даночен систем, стопанството е прво на удар. Kога се воведуваше рамниот данок, фирми молеа да не се менува за да не се доведе државата во ситуација кога ќе дојде идна власт пак да се донесуваат измени. Настрана тоа, иако е легитимно право на Владата да донесува нови мерки, оваа промена е чист даночен дилетантизам кренат на високо универзитетско ниво. Некој од универзитетот се прави дека знае многу и дека кога добиваат функции, од нив почнува историјата. Вакви промени се карактеристични за примитивни општества каде што нема стабилен даночен систем, а ние имаме совршен – вели професорот Атанасовски.
Според професорот Борче Треновски, во ред е да се прават даночни реформи за кои точно се утврдени целите и намените, односно да има точни сознанија како промените ќе се одразат на буџетот и дали, навистина, ќе се намали социјалната нееднаквост, но тоа не е добро замислено.
-Не значи секогаш дека ако има поголема даночна стапка дека ќе има поголеми приходи и ќе се намали нееднаквоста. Важен е трансферот на парите, односно како подоцна тоа ќе влијае на зголемувањето на квалитетот на живот на тие со помал доход. Kај нас, покрај реформата на јавните приходи, нужна е реформа на јавните расходи – вели Треновски.
(Текст објавен во 249. број на неделникот „Република“, 9.6.2016)
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.