| четврток, 6 декември 2018 |

Македонија пред свршен чин: Влез во НАТО само со „скршена кичма“

По неколку години примирје со јужниот сосед, прашањето за името повторно станува една од централните точки за која говори јавноста, а од владата се очекува брз исчекор. Неколкуте најави на новиот министер за надворешни работи дека со непровоцирање кон Грција и со активна и конструктивна дипломатија наскоро може да се очекува напредок создава лажна слика дека спорот со Грција само што не е решен. Иако оваа влада во кампањата не ветуваше решение за името и влез во НАТО за шест месеци, како што беше случај во 2008 година, сепак очекувањата пораснаа до небо. Дел од граѓаните што на референдум би гласале за промена на уставното име се нестрпливи, тие би сакале решение веднаш, без разлика дали ќе бидеме горни или долни, без разлика какви атрибути на државност ќе добиеме во графите на Обединетите нации. Овие луѓе, колкав и да е нивниот број, не смеат да создадат лажна слика дека сѐ е прифатливо и дека само поранешната влада е виновна што немаше решение за името. Во спротивно, Македонија ќе има многу поголем проблем од тој што го има сега, а и овој не е мал 

 

goran-momiroski-kol-90x115

Колумнист: Горан Момироски

Влезот на Црна Гора во НАТО затвори уште еден од маѓепсаните балкански кругови. Земјата, која својата независност ја изгради со руски пари и со меѓународна поддршка, сега влезе во контратаборот. Москва го загуби еден од своите ретки коридори за излез на топли мориња и за очекување е дека наскоро Подгорица ќе мора да си бара нови туристи затоа што руските тур-оператори веќе почнаа да ги насочуваат туристите што ги полнеа црногорските плажи кон Турција. Во регионот сега остануваат уште четири држави, чијашто иднина е неизвесна, две од нив се нефункционални и преживуваат со помош на меѓународната заедница и администрации, Косово и Босна и Херцеговина, а две (Македонија и Србија) се релативно стабилни, но и покрај вербалната поддршка од ЕУ, немаат јасна европска перспектива, пред сѐ поради блокадите што доаѓаат од Брисел. За Србија е јасно дека НАТО не е стратегиска цел и таа ќе се обиде да остане воено неутрална, иако е нејасно како е можно во исто време да седи во Брисел на масата со членките на НАТО во ЕУ и да гради братски односи со Русија, освен ако Унијата не ѝ даде некаков специјален статус. Но српските дилеми и регионалниот контекст, иако се исклучително важни за нашата позиција, не се наши проблеми затоа што ние имаме свои, покомплексни и потешки за решавање.

Еден од главните наши проблеми веќе 27 години, од формирањето на независна Македонија, е прашањето за името , тема што сега, по изборот на новата влада, се враќа на медиумската мапа, пред сѐ, поради неколкуте изјави на новиот министер за надворешни работи, Димитров, кој, иако, како некогашен долгогодишен преговарач за името, добро знае колку е тешко да се најде решение за името, сепак дозволи да создаде нов оптимизам. Кај дел од граѓаните неговите зборови се доживеани како порака дека името само што не е решено, што ќе биде тешко бреме за новата власт ако за неколку месеци се види дека ситуацијата не била толку оптимистичка.

На што го темели новата влада својот оптимизам за решение на спорот со Грција?

Темата за името во себе содржи некои вечни прашања на кои секогаш се бара одговор од сите заинтересирани. Што е тоа што Заев и Димитров го знаат, а ги тера да мислат дека Македонија се наоѓа во ситуација да го реши името и да влезе во НАТО? Што е тоа што ние не го знаеме за овој процес? И, најважното, има ли шанса да се дојде до разумен компромис во кој земјава ќе го зачува достоинството и, во исто време, ќе влезе во НАТО.

Во моментов во игра се три сценарија за ова прашање за кои никој не говори јавно, иако и тие можат лесно да бидат модификувани или брзо да пропаднат.

СЦЕНАРИО 1 – Македонија во НАТО до март

Со ова сценарио, за кое се зборува во меѓународните кругови, по Црна Гора, на следниот самит НАТО би добил нова членка, а регионот би останал без една нестабилна зона отворена за руско влијание. Ова сценарио треба да биде истуркано со комбинација од булдожер-дипломатија од двете страни на границата и ако се остварат најавите дека иден амбасадор на САД во Македонија е Хојт Брајан Ји јасно е дека не се работи само за чисти шпекулации, туку и за мала, но важна реалност во целиот процес. Во тој случај Хојт Ји не би бил стациониран во амбасадата на Кале, туку би се движел на релација Атина  – Скопје и директно би ги водел преговорите во кои во првата фаза не би бил инволвиран посредникот на Обединетите нации Метју Нимиц. Последната ситуација и нема да биде нова затоа што пензионираниот дипломат Нимиц и во претходните жешки ситуации за името, пред да свика состанок, беше подготвуван од американскиот Стејт департмент или, пак, работеше во директна комуникација со нив при подготовките за давање предлози. Така треба да биде и сега. Дури откако американската дипломатија ги натера Скопје и Атина на разумен компромис според нивни терк, во игра влегува Нимиц, кој, можеби, и ќе дојде во една посета на регионот со цел да создаде подлога за решавање на спорот, но, во суштина, ќе работи по принципот „нахрани го песот, но не чепкај го копчето“.

За Македонија во оваа ситуација е најдобро што, најверојатно, при формирањето на американскиот светоглед за тоа што е разумен компромис, при решение за името ќе се вметне пресудата од Меѓународниот суд на правдата во Хаг (добиена по тужбата поднесена од владата на Груевски, а своевремено отфрлана од СДСМ како неконструктивна) како правна реалноста, која мора да се вреднува за да се дојде до компромисно решение. Иако досега се покажа дека е неблагодарно да се лицитира со имиња, дел од можните варијанти  во ова сценарио се познатите  Република Македонија – Скопје или Република Македонија (Скопје), а опсегот на употреба ќе треба дополнително да се бара меѓу едно име за сите и варијации на тема.

Другиот контекст, вообичаено, е исклучително лош за Македонија. Влада со само 62 пратеника немање гаранции дека на референдум народот ќе прифати какво било решение и, пред сѐ, внатрешната состојба во Грција каде што партијата на премиерот Ципрас на анкетите е на второ место според популарноста. Во таква ситуација нема причина за оптимизам дека Грција би можела да прифати какво било решение што е прифатливо и за Македонија и оттука чудењето на што се темели оптимизмот на Заев и на Димитров.

Единствена надеж дека Хојт Ји ќе успее во својата мисија доколку САД, навистина, влезат во булдожер-дипломатија за овој проблем е формирање голема коалиција меѓу левицата и Неа демократија на Караманлис, која заедно би се изборила со радикалните националисти, кои ќе добијат крилја при какво било решение за името со Македонија.

СЦЕНАРИО БРОЈ 2 – Македонија да прифати Славомакедонија

Единствената прифатлива варијанта за Грција, која ќе мора да биде спроведена по принципот „ерга омнес“ или за сите употреби, е терминот „Славомакедонија“. Ништо повеќе, ништо помалку. Доколку САД и Германија не успеат да ја стават Атина под силен и практичен притисок, а македонската влада сака да влезе во НАТО наскоро, нема друга опција, освен да го прифати тоа што го бара Грција. За Грција единствен морков, а, во случајов, истовремено и стап, може да биде  третата транша од финансиската помош што треба да ја дадат еврозоната и Меѓународниот монетарен фонд. Овој силен механизам на притисок, затоа што без него може да се случи целосен колапс на грчката држава, во некоја скандинавска или западноевропска земја би бил гаранција за успех во преговорите, но за Грција ниту е гаранција, ниту дава надеж. Од досега виденото, дури и закана за блокирање на 80 милијарди евра, колку што Грција треба да добие во наредниве 24 месеци од кредиторите, не е гаранција за попустлив став кон името. Според последните анкети, дури 60 насто од Грците сѐ уште не прифаќаат Македонија воопшто да го користи своето уставно име дури ни во комбинација со некоја друга придавка, а компромис од страна на која било грчка влада ќе значи промена на администрацијата.

СЦЕНАРИО БРОЈ 3 – Статус кво, повторно долги и неплодни преговори без резултат

Овој филм го гледавме и претходно во неколку периоди од кои најинтензивен беше тој од 2007 година до самитот на НАТО во Букурешт во 2008 година. Шатл-дипломатија, со многу опции во игра, низа предлози што излегоа во јавноста и низа разочарувања, пред сѐ, за Македонија, особено откако, и покрај најавите на тогашниот претседател на САД дека Македонија и Албанија ќе станата членки на НАТО, тоа, сепак, не се случи. Во ова сценарио треба да очекуваме продолжување на активностите за подобрување на нивото на пријателство меѓу двете земји, процес што го почнаа ексминистерот Никола Попоски и неговиот грчки колега Никос Коѕијас, во соработка со една западноевропска земја, која бараше смирување на тензиите. И сега повторно, најверојатно, ќе бидеме сведоци на изјави на пријателство, посети на Димитров на Атина и на Солун и доаѓање на Коѕијас во Скопје или Охрид, фини пораки за потребата од натамошно зближување меѓу двата соседни народа, можеби отворање на некој граничен премин или заеднички проект во сферата на безбедност поврзана со бегалците или некаков инфраструктурен проект финансиран од новиот „Мал Маршалов план за Балканот“ што го подготвува Берлин.

Заев ќе бара помош од Грција, Албанија и од Бугарија за прием во НАТО

Во најбрз можен рок сакам да биде решен проблемот за да се приближиме кон ЕУ и кон НАТО, најави премиерот Зоран Заев во интервјуто со неколку уредници на национални медиуми на МРТВ.

-Барам отворена помош од соседството, од Грција, од Бугарија, а за НАТО може да помогне и Албанија. Генералниот секретар на НАТО сака да ја посети Македонија наесен со добра вест. Тоа е возможно ако Грција го ослободи ветото, под референца да влеземе со НАТО, а да продолжиме преговори со Грција за нашето интегрирање во Европа. Нема да имам проблем да побарам поддршка од грчките граѓани за да ѝ овозможат пат на Македонија кон евроинтегрциите. Негувам  надеж дека е можно во краток рок да станеме членка на НАТО со референцата. Така ќе се создаде аргумент Македонија делумно да биде одблокирана – е планот на Заев за влез во НАТО.

Според него, по самитот на НАТО во 2008 година Македонија не смеела да провоцира со именување на автопат според Филип Македонски и со поставување споменик на Александар Македонски. Името ќе го решава, пред сѐ со нечинење, помалку  со чинење. Главен адут му е геополитиката.

– Немаме намера да правиме дополнителни провокации кон Грција. Треба да се прави нешто што нема да отвора нови рани. Спорот може да почне да се решава по пат на засилени разговори, без провокации и со користење на геополитичките моменти. Точно е дека немам магично стапче, само споделувам надеж и оптимизам. Но, сигурно нема да градиме нови споменици и да именуваме нови автопатишта за да провоцираме. Исто како што е сигурно дека нема да дозволиме да се допре до нашиот интегритет, постојат црвени линии – рече Заев.

(Текст објавен во 249. број на неделникот Република, 9.6.2017)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top