| четврток, 6 декември 2018 |

Реакција на Центарот за филм – Битола: ИФФК „Браќа Манаки“ е на градот Битола, ДФРМ нема веќе никаков кредибилитет да организира ваква манифестација

По вчерашната прес конференција на Друштвото на филмски работници на Македонија, допис со реакција испрати Центарот за филм – Битола, еден од апликантите за годинашното издание на ИФФК „Браќа Манаки“.

Во дописот меѓу другото се вели:

-Точно е дека што поскоро треба институциите да решат кој и како ќе го организира ИФФК „Браќа Манаки“. ДФРМ нема никаков кредибилитет веќе да го организира фестивалот „Браќа Манаки“. Многу често тие со манипулации и притисоци врз институциите се обидуваат да создадат слика во јавноста дека се жртви и на база на тоа да профитираат од системот. На тој начин системот е нивни заложник и жртва со години наназад, а особено последните десетина години кога со друштвото раководи една иста врхушка, која целосно го има приватизирано и Друштвото и неговата функција, вели Димитар Николов од Центарот за филм.

Според него, ИФФК „Браќа Манаки“ е на градот Битола. Од пред извесно време и фактички и формално.

-Тоа е причина што на ДФРМ некој не може туку така да им даде пари да го организираат, па имале тие замислена дата за негов почеток или не. ДФРМ нема веќе никаков кредибилитет да организира ваква манифестација и нивното вчерашно излегување во јавноста е обид повторно да се наметнат како кредибилен партнер на власта и да глумат жртви, иако овие десет години наназад само профитирале и од фестивалот и од своите „филмски активности“, пишува Николов.

-Тие можат секогаш да се јават како коорганизатори и да помогнат фестивалот да достигне повисоки нивоа и да допринесе за културниот развој и на градот и на Републиката.

Ова ДФРМ ја изгуби поддршката од МЕДИА програмата за фестивалот, кое минатото раководство и неговиот тим ја добија (а беа наградени со смена во 2016), смена што и судот ја оквалификува со пресуда, како незаконска. ДФРМ не плати на колегите кои ја сработија апликацијата за МЕДИА, добија влез за категоризација на истиот и го водеа фестивалското издание од октомври 2015 година до април 2016-тата,

ДФРМ не е ниту легитимен и единствен претставник на филмските професионалци во Република Македонија затоа што незадоволни од функционирањето на оваа полуприватна организација, формираа уште многу Асоцијации кои во огромен број ја претставуваат филмската фела и веќе се меѓународно признаени од најрелевантните светски асоцијации во фелата. АФПМ – Асоцијација на филмските професионалци на Македонија, Асоцијација на филмските продуценти МЗФП, неодамна во Кан примена во најголемата светска федерација на продуценти ФИАПФ, асоцијацијата на филмски дистрибутери АФИДИ, единствена во регионот примена во светската федерација на дистрибутери ФИАД и уште многу други.

И на фестивалот и на филмската дејност воопшто им се потребни темелни промени кои ќе овозможат развој и одржливост.

И убаво е и ДФРМ да учествува во тоа.

Филмските професионалци треба да научат култура на соработка, а не позиционирање со политика или со тесни интереси. Ако недоразбирањата зачинети со инает, суета и  лични интереси продолжат, последиците ќе бидат далуксежни и несогледиви. Затоа што фестивалот е сериозно културно богатство и наследство, а не играчка некој да профитира и да го остава да тлее во 19 век. Фестивалот треба да расте и да напредува, да е платформа на нови идеи и да се развива и во корист на градот Битола, да работи транспарентно и да оди напред како најголемо филмско културно богатство во Македонија.

Затоа што брендот Интернационален фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“ е на Битола. Браќата Манаки и покрај своето значење за целиот Балкан се на Битола. Фестивалот е нераскинлив дел од мрежата на креативни филмски градови на УНЕСКО, заедно со останатите градови кои го имаат престижното членство.

Фестивалот и градот имаат капацитет, имаат квалитет и можат ако работат правилно и транспарентно заедно со сите субјекти кои му го сакаат доброто на фестивалот да одат напред.

Сите субјекти, со своите професионални капацитети, со својот углед и вештини, треба да помогнат работите во културата, а посебно во филмската култура што е симбол на градот Битола, да одат напред., завршува дописот на Димитар Николов од Центарот за филм – Битола.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top