| четврток, 6 декември 2018 |

На ред е битка на гигантите, Ѓоковиќ против Надал во полуфиналето на Ролан Гарос

На ред е битката што сите со нетрпение ја очекуваат од стартот на Ролан Гарос, а полуфиналето кај мажите е во епицентарот, бидејќи тука ќе се судрат Новак Ѓоковиќ и Рафаел Надал. Денеска и двајцата победија без загубен сет, а противници им беа Томи Хас и Станислас Вавринка.

Надал побрзо ја заврши работата, против стариот муштерија Вавринка и  ја нанижа десеттата победа без загубен сет, во дуелите со Швајцарецот. Уверливо, лесно, со 6-2, 6-3, 6-1, Рафа си обезбеди настап во полуфиналето и шанса за реванш против Ѓоковиќ, за поразот во финалето во Монте Карло. Во градот на „коцката“ Ноле победи и му ги урна надежите на лутиот ривал, за рекордна осма едноподруго титула, резултат што би бил единствен во светот на тенисот.

Но, Ролан Гарос е сосема поинаква приказна и крај Булоњската шума, Надал е речиси непобедлив. Досега го надигра и порази само еден тенисер, Робин Содерлинг, што е импресивен биланс. Надал е 7-кратен шампион на гранслемот на земја и ако повторно победи, ќе биде уникатен случај на Отвореното првенство на Франција со 8 круни.

French Open tennis tournament at Roland Garros

Ѓоковиќ релативно лесно го елиминира Хас, иако во третиот сет можеше и порано да слави. Поведе со 2-0 во сетови, откако со 6-3 и 7-6 беше подобар од Германецот. Водеше со 5-3 во третиот сет, но му дозволи на противникот да израмни на 5-5. Сепак, Новак е најдобар на планетата во моментов и не дозволи изненадување, па го затвори мечот со 7-5 во гемови. Тој има 12 еднподруго настапи во полуфиналињата на гранслем турнирите, а му недостасува само круната од Ролан Гарос.

Во второто полуфинале ќе играат Жо Вилфрид Цонга и Давид Ферер.

 

 

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top