| четврток, 6 декември 2018 |

САД и Германија ќе се судрат на Балканот?

Засега вербалниот конфликт меѓу администрацијата на Доналд Трамп и владата на Ангела Меркел не само што е од голема опасност за глобалната безбедност и востановениот светски поредока туку и за малите нестабилни региони како нашиот, каде што се испреплетуваат многу различни интереси, а земјите во него не можат да се договорат дека формирањето „мала економска ЕУ“ е најдобар начин да ги заштитат своите интереси. Доколку наскоро тензијата меѓу Берлин и Вашингтон не запре и доколку не се договорат како ќе се решаваат отворените безбедносни и геостратегиски теми, Македонија, заедно со Србија, Украина и со Турција, е меѓу најранливите места на планетата каде што може да избие курцшлус

 

goran-momiroski-kol-90x115

Колумнист: Горан Момироски

Иако САД и Германија, како најголеми сојузници во НАТО, се две централни држави во западната оска и имаат исти или слични интереси во најголем дел од надворешната политика, последниот конфликт инициран од инсистирањето на Трамп Германија да го намали трговскиот дефицит, кој според него е во висина од повеќе од 250 милијарди евра само поради тоа што Меркел ја злоупотребува ЕУ, покажува дека светот се наоѓа пред нова реалност и тензии.

Секое попуштање на Германија пред барањата од САД за преиспитување на трговските договори и почнување билатерални преговори може да значи огромно намалување на приходите и почеток на криза која никој не може да претпостави каде ќе се движи. Особено никој не може да претпостави колку силни ќе станат германските ултранационалисти кои во услови на богата држава, која прави десетици милијарди суфицит со сите покриени долгови, дојдоа до 15 % поддршка само поради бегалците, кои ѝ се неопходни за да го задржи растот на економијата. А пред 70 години видовме каков резултат носи подемот на неонацистите и на сиромашните граѓани.

Паралелно со трговската војна која е пред портите, Германија има уште неколку причини да ја прифати фрлената ракавица од Трамп и да влезе во дипломатски судир.

САД се едни од најголемите противници на проширувањето на бројот на постојните членки на Советот за безбедност на Обединетите нации со две нови членки. Германија и Јапонија, иако и Индија, Пакистан и Бразил, се меѓу светските држави што сакаат постојано право на збор во извршното тело на светската асемблеја. За да го постигне тоа што не може како постојан член на Советот за безбедност на ОН, Германија бара алтернативни начини за поголемо светско влијание. Не ретко германските политичари, и без да се инволвирани во изборна кампања, повторуваат дека Германија треба да има своја автентична надворешна политика покрај таа во рамките на ЕУ и на НАТО.

Европска армија под команда на Берлин е трн во окото на Белата куќа

Истовремено мора да се каже дека Германија, иако јавно нема посебни воени амбиции поради своето минато во Првата и во Втората светска војна, срамежливо се обидува да ги искаже своите желби за силен фактор, пред сѐ, во мировните мисии како воведна точка во порелевантен воен фактор. Пред сѐ за да создаде простор за економски пробив на нејзините компании во постконфликтните општества. Познато е дека најголемите бизниси на глобално ниво се тие за реконструкција на земјите што биле во конфликт, а тие бизниси досега ги земаа најчесто фирмите што ги предводеа воените мисии, во прв ред САД. Германија сака да ја промени таа состојба, во која таа секогаш е трета или четврта во редот, по Франција и по Британија, кога се дели бизнис- колачот.

Затоа не случајно е тоа што лани во ноември јавноста дозна за „нонпејпер“ на германското Министерство за одбрана за редефинирање на силите на Европската унија, кое за многумина, особено за американската мисија во НАТО, е почеток на создавање европска армија. Вакво нешто САД објективно никогаш нема да прифатат откако по Втората светска војна од темел ја изградија германската држава и армија и до ден-денес е безбедносен гарант на стариот континент.

За дел од американските и од британските медиуми и аналитичари овој процес на создавање армија поинаква од таа на НАТО, а под целосна команда на Берлин, е веќе почнат од страна на Берлин и, колку и да е тој нереален, е крајно опасен по американското влијание во светот. Пред сѐ, затоа што ваква армија може без прашање на САД или на Лондон во иднина да влегува во договори за заеднички мировни и други операции со Русија, Кина, Индија, Африканската унија и со други земји и организации.

Според американскиот магазин „Форин афеарс“, Берлин веќе почнал со прикриени операции за драматична промена на безбедносната политика, со тоа што во Бундесверот интегрира единици од помали држави. Според влијателниот американски медиум, Германија веќе го почнала радикалниот чекор со спојување воени единици на Чешка и на Романија во својата армија. Во наредните неколку месеци дел од силите за брза интервенција на Бундесверот ќе стане романската 81. механизирана бригада, а чешката 4. бригада за брзо распоредување ќе стане дел од германската 10. оклопна дивизија.

Според Карло Масала, професор по меѓународна политика на Универзитетот на германското Министерство за одбрана во Минхен, со овие чекори Германија сака да покаже дека сака да продолжи со европската воена интеграција дури и ако другите членки на ЕУ сѐ уште не се подготвени за тоа.

И САД со своја математика за конфликт

Кога на претходните причини за нарушување на односите меѓу САД и Германија ќе се додадат и забелешките што Вашингтон ги има за „корисните“ односи меѓу Берлин и Москва и кокетирањето на Меркел со кинеската влада, станува јасно дека светот може да се соочи со сосема нова реалност во која САД нема да бидат единствените што ќе ги диктираат глобалните трендови.
Германија воено и политички не може сама да ја наруши оваа позиција, но затоа во координација со Русија, Кина, Индија и со Франција може да го урне досегашниот светски поредок. А, според нејзината изјава дадена по самитот на НАТО и на состанокот на Г7 „стабилните врски градени од крајот на Втората светска војна во некоја мера се завршени“. Во ист остар тон порака до САД испрати и министерот за надворешни работи, Зигмар Габриел, кој смета дека „кратковидните политики на Трамп се спротивни на интересите на ЕУ, со што нема простор за тврдењата дека последните пораки од Германија се само личен став на Меркел.

За САД се спорни и плановите на Германија за енергетските коридори преку кои ЕУ ќе се снабдува со гас и со нафта во иднина. Вашингтон инсистира на енергенти од Катар, Азербејџан и од други азиски земји кои се под контрола на американски или на британски фирми, а Германија нема проблем во огромен процент да биде зависна од руските енергенти, што е причина САД да не го прифатат со задоволство новиот гасовод „Северен тек“.

Малите ќе страдаат ако продолжи непријателството меѓу големите

Македонија е една од точките каде што во моментов се прекршуваат интересите на неколку главни фактори на глобално ниво. За нас се заинтересирани и САД, кои беа и најконкретни преку Хојт Ји (без разлика дали тој го има полниот легитимитет на новата администрација на Трамп), и Германија, која покрај стратегискиот интерес е загрижена дали можеме да издржиме нов налет на бегалци ако Ердоган ги оствари најавите за пропуст на 3 милиони бегалци од турска територија.

Покрај нив, тука се и Русија, која ја користи Македонија како пример за потврдување на исправноста на своите принципи во дипломатијата, и Кина, која ја гледа земјата како еден од коридорите преку кои најлесно и најбрзо може да ја дистрибуира својата стока кон ЕУ.
Се разбира не смеат да се заборават и Турција, како доминантна воена и политичка сила во регионот, Грција, Србија, Бугарија и Албанија, кои што имаат свои интереси во Македонија.

Најголемиот дел од овие земји во Македонија имаат посебни национални и интереси како дел од некоја меѓународна организација. Па, така САД имаат интерес како држава и посебен интерес како членка на НАТО, Германија има едни интереси како национална економија и миграција, а поинакви или барем малку различни како членка на ЕУ. Никој не може да претпостави што ќе се случи и во Македонија и во сите нестабилни региони доколку дојде до разбивање на кохезијата меѓу членките на НАТО, пред сѐ меѓу САД и Германија.

Како ќе се одвива спроведувањето на националните интереси на Германија виз-а-ви интересите на НАТО доколку ескалира конфликтот што тлее меѓу овие две земји. Да бидеме реални, сѐ уште е далеку денот кога владите во Вашингтон и во Берлин ќе влезат во отворен судир, но последните изјави од двете страни покажуваат дека може да е блиску денот кога секоја од страните ќе тргне по свој пат. Како во таа ситуација ќе реагира Македонија? Ќе ја избере ли Германија како најголем трговски партнер или САД како земја со која имаме потпишано договор за стратегиско партнерство? Може ли Македонија и другите како неа да бидат неутрални додека во Вашингтон не дојде нов претседател затоа што Германија тврди дека Трамп е причината за новиот конфликт.

И, конечно, како во иднина ќе се однесуваат разните вооружени формации во регионот кои дури и кога не се под контрола на странски фактори често се водат од интересите на најголемите и на најмоќните, особено кога и нивните интереси се исти.

(Текст објавен во 248. број на неделникот Република, 2.6.2017)

Ставовите искажани во рубриката Колумни се лични ставови на авторите и не се автоматски и ставови на редакцијата на Republika.mk. Редакцијата на Republika.mk се оградува од ставовите во објавените колумни, а одговорноста за изнесеното во нив е исклучиво на авторот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top