| четврток, 6 декември 2018 |

Проекција на „Сè за луѓето“ – победник на 7. Филозофски филмски фестивал

„Се за луѓето“ е во омнибус форма и е составен од девет приказни од Грузија и Германија кои раскажуваат за убавината и трагичноста на човекувањето. Полни со надеж, девственост, нежност и возвишеност овие приказни базирани на делата на грузискиот писател Нодар Думбадзе зборуваат за човечката состојба во сите нејзини бои, соопшти фестивалот

Апсолутниот победник на седмиот Филозофски филмски фестивал, филмот „Сè за луѓето“ на грузискиот режисер Гиорги Абашишвили, вечер ќе биде прикажан во Кинотеката на Македонија.

Специјалната проекција на филмот ја организираат Филозофското друштво на Македонија и Филозофскиот филмски фестивал.

Филмот, кој е грузиско-германска копродукција, е добитник на двете награди „Златен був“ за Најдобар игран филм на ФФФ 2017 година според жирито (проф. д-р Иван Џепароски, проф. д-р Александар Прокопиев и проф. Владимир Блажевски) и според публиката.

„Сè за луѓето“ е во форма на омнибус и е составен од девет приказни од Грузија и од Германија, кои раскажуваат за убавината и трагичноста на човекувањето. Полни со надеж, девственост, нежност и возвишеност, овие приказни базирани на делата на грузискиот писател Нодар Думбадзе зборуваат за човечката состојба во сите нејзини бои, соопшти фестивалот.

Гости на настанот во Скопје ќе бидат режисерот на филмот Гиорги Абашишвили и сценаристката Миријам Штен.

Проекцијата на филмот е поддржана од програмата „Цивика мобилитас“ и Германската амбасада во Скопје. По проекцијата на филмот ќе бидат доделени наградите „Златен був“ на режисерот, а ќе следува и дискусија со Абашишвили предводена од селекторот на официјалната селекција на долгометражни филмови, професорот Кирил Трјачев од Филмската академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ – Штип.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top