| четврток, 6 декември 2018 |

Леле, луѓе, што направивме: Вардар е на врвот на Европа!

Македонскиот шампион Вардар е нов европски првак во ракомет откако во неверојатна драма во „Ланксас арената“ го совлада ПСЖ со 24-23 и првпат во историјата стана шампион на стариот континент.

Вардар подобро го почна финалето. Цврстата одбрана и одличниот Штербик можеби не беа изненадување за ПСЖ, но дејствуваа беспрекорно. Во нападот, Чупиќ двапати погоди од седмерец, Дујшебаев го пронајде патот до мрежата на Омејер, а потоа и Дибиров, за водство од 2-5 за „црвено-црните“ по 12 минути игра.

Водени од Абало и од Карабатиќ, ракометарите на ПСЖ, пак, се вратија блиску до Вардар и намалија на 6-7 во 22. минута. Никола Карабатиќ отиде грубо врз Борозан и заработи прво свое исклучување, а Марсениќ со ефектен гол врати на +2 во 25. минута.

По долго ловење на резултатот, Хансен од седмерец погоди за 10-10 во 28. минута. На половина минута до одморот, Степанчиќ од контранапад го донесе првото водство на Французите (12-11), резултат со кој се замина на одмор.

Дибиров му продаде „вртенка“ на Омејер на стартот на вториот дел за израмнување (12-12). Нарсис донесе водство, но потоа и Штербик покажа врвна класа, па Циндриќ израмни на 13-13. Серијата продолжи со Дујшебаев и Циндриќ за ново водство на Вардар од два гола (13-15).

Во 37. минута, Нока Сердарушиќ се реши за ново изненадување, игра во нападот „7 на 6“. Никола Карабатиќ намали на 15-16.

Шишкарев одлично одзема топка во одбраната и извлече противнапад за водство од 16-18 по 40 минути игра.

ПСЖ продолжи да игра „7 на 6“, и тоа им се одмазди. Загубија две топки, а Абутовиќ и Шишкарев зголемија на 17-20.

Играта стана сѐ погруба, следеа исклучувања, а Нарсис погоди за 19-20. По ова Дибиров „летачки“ спаси во одбраната, а Канелјас го награди со погодок. Но, Абало изведе магија (20-21). Се појави и Генсхајмер и израмни на 21-21, на осум минути до крајот.

Дибиров направи уште една феноменална кражба и погоди за ново водство на Вардар (21-22). Потоа и Борозан упати проектил за два гола предност. Ремили намали. Но, Циндриќ го исфинтира Лука Карабатиќ, кој заработи исклучување. Дибиров не реализира, и ПСЖ појде во последен напад, а Сердарушиќ зема тајмаут. Нарсис даде гол.

Но, Раул Гонзалес побара тајмаут, а Иван Чупиќ остана сам, доби благовремена асистенција од Дујшебаев и еден на еден од неговата позиција успеа да го совлада Тјери Омејер во последната секунда и да го освои пехарот за ВАРДАР.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top