| четврток, 6 декември 2018 |

Македонско учество на Седмиот Фестивал на Франкофонијата во Созопол

Вчеравечер, со две македонски ликовни изложби беше отворен Седмиот Фестивал на Франкофонијата “Солеј” во Созопол, Р.Бугарија. Културно-информативниот Центар на Р. Македонија кој трета година по ред е партнер и редовен гостин на овој Фестивал, годинава понуди три културни содржини. На првиот фестивалски ден најпрво беше отворена изложбата “Поврзување” на која со преку педесетина дела, работени во различни ликовни техники, се претставија уметниците Иво Пецов, Марјан Ѕин, Маријана Иванова, Ице Огненовски-Мерко, Зоран Мише, Слободан Милошески, Горан Тричковски, Иван Стоименов, Павел Целкоски и Перица Георгиев-Пепси.
Во вториот дел од програмата беше отворена и ликовната изложба “Охридски филиграни” од авторката Мирјана Николоска. Преку триесетина дела работени на традиционален начин, со срма, монистра и охридски бисер, предизвикаа исто како и изложбата “Поврзување” голем интерес.
Изложбите ги отворија директорката на Фестивалот Александрина Исаилова, претседателката на Советот на Општина Созопол Красимира Германова и директорот на нашиот Центар во Софија, Васко Шутаров. На настаните присуствуваа амбасадори на земјите учеснички на фестивалот и бројни ликовни и културни работници од Созопол.
Седмиот Фестивал на Франкофонијата во Созопол, кој беше отворен на 3 јуни, продолжува до 8 јуни, со културна програма од Франција, Белгија, Швајцарија, Романија, Грузија, Либан, Мароко, Македонија и Бугарија. На 5 јуни нашата земја ќе биде претставена и со пијано рецитал на Мимоза Ќека, која на програмата ќе изведе дела од француските композитори Морис Равел и Клод Дебиси.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top