Од вечерва (3 јуни) до 8 јуни во бугарскиот град Созопол, ќе биде отворен Шестиот Интернационален Фестивал на Франкофонијата “Soleil” (Солеј). Нашата земја, претставена од Културно-информативниот Центар на Република Македонија во Софија, по втор учествува на оваа значајна франкофонска манифестација. Годинава, со свои културни програми ќе се претстават освен нашата земја и Франција, Белгија, Романија,Турција, Грузија, Мароко, Либан и домаќинот Бугарија.
Република Македонија годинава е претставена со неколку програми. Во рамките на Меѓународната ликовна колонија учествуваат академските сликари Мирјана Крстева-Масети, Андријана Мациев, Иво Пецов и Марјан Ѕингаров. На 6 јуни, Република Македонија ќе понуди целодневна програма. Најпрво, во просториите на Советот на Општина Созопол, директорот на македонскиот Центар во Софија м-р Васко Шутаров ќе одржи предавање за дипломатскиот протокол, пред ученици од средните училишта во Созопол. Вечерната програма продолжува со отворање на ликовната концепција “Конекција 2”, на која ќе бидат претставени дела на 13 македонски ликовни уметници, Слободан Милошески, Зоран Мише, Горан Тричковски, Павел Целкоски, Перица Георгиев, Иван Стоименов, Адриана Јованоска, Ице Огненовски, Јовица Миленов, Маријана Иванова, Јана Луловска, Марјан Ѕин и Иво Пецов. Истата вечер, во 20 часот, целовечерен концерт ќе имаат Момчило Куфојанакис (виолина) и Весна Ангелова-Христова (пијано). И во ликовната концепција и на концертот ќе бидат претставени дела со француска тематика и интерпретирани композиции од француски автори.
На вечерашново свечено отворање на Фестивалот најавено е присуство на министрите за туризам и култура на Република Бугарија и високи претставници од дипломатскиот кор, а директорката на Фестивалот Александрина Исајлова и градоначалникот на Општина Созопол Панајот Рејзи, свечено ќе го отворат овој веќе традиционален франкофонски Фестивал.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.