| четврток, 6 декември 2018 |

Старата оска Фрчкоски- Героски ставена во погон да ја испере двојазичноста (видео)

Двојазичноста, како и другите делови од Тиранската Платформа не се заборавени. Само што тие сега, заради бројчаната неможност да се смени Уставот, а уште повеќе заради поважната работа- промената на името на државата и обезличувањето на македонскиот народ-само се одложени за подоцна.

Сепак тоа што сега ќе се вметне е двојазичноста, преку заобиколување на Уставот. иако постојано се лаже дека нема да има никакво нарушување на унитарноста или воведување на бинационална држава, тоа за што оддамна се препупредуваше, сега доби потврда и лично од Героски и Фрчкоски, иако можеби тие биле несвесни за тоа.

Имено во поставениот телефонски разговор меѓу нив двајца, Фрчкоски му објаснува на Героски дека за него нема ништо спорно во целата Тиранска Платформа и барањата на ДУИ. Притоа тој му дава директива на главниот на неколку медиуми, како весникот Слободен Печат и порталот Плус Инфо, двата од мрежата на соросови медиуми во поддршка на заевистите, како систематски да го релативизира и нормаллизира воведувањето на двојазичноста во земјата.

Фрчкоски тоа му го објаснува со тезите дека нема ништо спорно, односно дека се што не е забрането со Уставот- е дозволено. Тоа што влегува во уво е јасниот став на Фрчкоски и со каков понижувачки глас зборува за своите колеги од Правниот факултет; но и уште пострашно какви директиви му издава на Героски како подготовка на двојазичноста, односно за договорот на Заев со албанските партии и прифаќањето на целата Тиранска Платформа.

Тоа што не треба да се заборави дека овие двајца ликови соработуваат од многу оддамна кога станува збор за разорување на македонското ткиво преку заземање и контрола врз медиумите и со тоа врз креирањето на јавното мислење. За потсетување, Мирка Велиновска во интервју за Република, за потребите на фељтонот „Мрачното време на транзицијата“ посочи дека кога, своевремено, неделникот „Пулс“ паднал во немилост кај наследниците на комунистичката партија, Фрчкоски го донел Героски кај нив во редакција да работи, но и да пренесува што се планира и какво е расположението во редакцијата. Нивната соработка потоа продолжува и при наводната либерализација на медиумскиот пазар со отворањето на неколку дневни весници, кои потоа преку истата линија послужија за трасирање на патот на рамковниот договор. Секако, неодминливи се и финансиските трансакции меѓу нив за се што се одработува. Сега, како што се слуша од разговорот, повторно оската Фрчкоски -Героски е ставена во погон за да се прелаже народот дека нема ништо страшно и дека двојазичноста нема да значи разнебитување на државата и губење на идентитетот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top