| четврток, 6 декември 2018 |

За исклучителни естетски достигнувања во областа на театарот: Александар Морфов е добитник на Наградата на МНТ-фест

Морфов е режисер којшто критиката го оценува како визионер на новото театарско време и автор којшто во секоја своја претстава ги истражува и открива новите методи и изразни средства на актерската игра. Неговата сценска естетика е оригинална и во својата основа ја има епската форма. За неговите врвни достигнувања сведочат и големиот број награди и признанија за неговата работа

Големото режисерко име, Бугаринот Александар Морфов  е добитникот на Награда на МНТ-фест за исклучителни естетски достигнувања во областа на театарот, информираат од Македонскиот народен театар (МНТ). Наградата ќе му биде врачена на отворањето на МНТ-фест.

Наградата ја симболизира театарската традиција на македонската почва и ќе се доделува секоја година.

Наградата за исклучителни естетски достигнувања се доделува на автори, режисери или театарски институции за нивниот придонес во театарската уметност.

Минатогодишената награда беше доделена постхумно на режисерот Томаж Пандур, награда за исклучителни достигнувања.

Морфов е режисер што критиката го оценува како визионер на новото театарско време и автор што во секоја своја претстава ги истражува и открива новите методи и изразни средства на актерската игра. Неговата сценска естетика е оригинална и во својата основа ја има епската форма. За неговите врвни достигнувања сведочат и големиот број награди и признанија за неговата работа.

Морфов е роден на 9 ноември 1960 год. во Јамбол, Бугарија. Во 1984 година се запишал на Националната академија за театар и филм „Крсто Сарафов“ во Софија. Дипломирал на отсекот за Театарска и куклена режија  (1990) во класата на проф. Јулија Огњанова и на отсекот за Филмска режија (1994) во класата на Георги Дулгеров.

Од 1994 до 2000 год. работел како главен режисер во Народниот театар „Иван Вазов“ во Бугарија. Први претстави на Морфов во Народниот театар биле неговата оригинална верзија на „Дон Кихот“ според делото на Сервантес и преработената верзија на Бура. Тие го означиле почетокот на еден цел нов процес на привлекување млада и современа публика во театарот. Со следната продукција „Сон на летната ноќ“ од Шекспир, Александар Морфов станал еден од најпопуларните театарски режисери во Бугарија. Карактеристиките на неговата стилистика се содржат и во неговата оригинална верзија на „Декамерон, или крв и страст“, според делото на Бокачо. Во претставата На дното од Максим Горки се гледа начинот на кој Морфов остро го искажува неговото мислење без да ја изневери неговата типична театралност. „Прогонети бунтовници“ (2004), продукција работена според романот на Иван Вазов, национален поет и писател, претставува логично продолжение на претходната претстава. Негови позначајни претстави на водечката сцена во земјата се: „Волшебната ноќ“, според делото на Бекет; „Дон Жуан“ од Молиер; „Лет над кукавичкото гнездо“; „Животот е прекрасен“, адаптација на делото „Самоубиство“ од Николај Ердман, итн. Во 2000 тој бил назначен за генерален и уметнички директор на Народниот театар „Иван Вазов“. По еден голем конфликт со Министерството за култура на Бугарија, Морфов бил разрешен од функцијата и сите негови продукции симнати од репертоарот на театарот.

Од 2001 година успешно работел во Русија. Неговата прва претстава „Бура“ во театарот „Вера Комисаржевскаја“ била клучен настан во театарскиот живот на Санкт Петерсбург и е одликувана со престижната награда на полето на театарот „Златна маска“. Веднаш потоа Морфов бил поканет во Москва, во театарот „Et cetera“ на познатиот руски актер Александар Калјагин, каде што ги режирал „Дон Кихот“ и „Кралот Иби“ со Калјагин во главната улога. И двете продукции биле номинирани за наградата „Златна маска“, а Александар Калјагин ја добил наградата за најдобра машка главна улога во претставата „Кралот Иби“. Од 2003 до 2006 Александар Морфов бил назначен за главен режисер во театарот „Вера Комисаржевскаја“ во Санкт Петерсбург каде што режирал пет продукции. За претставата „Дон Жуан“ добил премиум „Златен суфит“ и повторно бил номиниран за наградата „Златна маска“. Продукциите „Лет над кукавичкото гнездо“ со Александар Абдулов и „Посетата на старата дама“ со Марија Миронова во театарот „Ленком“ исто така претставувале значајни настани во театарскиот живот во Москва. Морфов има добиено над дваесет национални и меѓународни театарски награди, меѓу кои „Златна маска“, „Чајка“, „Кристален Турандот“, итн. Во 2005 работел со Михаил Баришников во САД на театарскиот проект „Доктор и пациент“ од Резо Габриадзе. Во 2006 се вратил во Народниот театар во Бугарија како главен режисер – функција која ја има оттогаш. Претставите на Морфов се прикажувани на интернационалните театарски фестивали во Виена, Казабланка, Киев, Торино, Охрид, Белград, Вроцлав, Хамбург, итн. Имал и голем број успешни проекти во Франција, Шведска, Македонија, Романија, Латвија, а во последниве години и во Израел.

Морфов е и филмски режисер и сценарист. Се докажал и како успешен филмски актер со улогите во „Иван и Александра“, „Пријателите на Емилија“, „Сирна недела“, „Козјиот рог“, „Љубовното лето на еден влечко“, „Патување во Ерусалим“ и други. Тој е оженет со актерката Рени Врангова со која има две ќерки – Неда и Сара.

Добитник е на наградите „Аскеер“ и „Икар“ за режија. Има добиено повеќе од 20 меѓународни и најпрестижни руски театарски награди („Златна маска“, „Златен суфит“,„Златна муза“, „Галеб“, „Кристален Турандот“ и др.).

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top