| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Во последните години бевме предмет на операција на надворешни центри со цел промена на власта (ВИДЕО)

ВМРО-ДПМНЕ беше на власт речиси 11 години. Направи многу реформи и крупен чекор напред во секоја сфера. Се решија многу проблеми, се работеше многу и се добија и многу позитивни резултати, за многумина над очекувањата. Македонија немала власт со поголем учинок и напредок од оваа во овој период, истакна на собраниската седница претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.

Сепак, во последните неколку години очигледно бевме предмет на операција на надворешни центри со цел промена на власта. И покрај тоа, на последните избори, народот гласајќи ни даде најголема доверба. Но, со понатамошни напори, и покрај јасната победа, и покрај долгогодишниот воспоставен принцип на коалицирање на победник со победник, помеѓу партијата со најголем број освоени гласови во земјата, и партијата со најголем број гласови од албанската заедница во Македонија, со прекршување на овој принцип, кој беше јавно баран токму од оние кои го прекршија, како и со понатамошни чекори спротивни на Деловникот, Законот и Уставот при изборот на претседател на Собранието, и особено спротивни на волјата на мнозинството народ, со примена на аргументот на силата и моќта, се издејствува ново мнозинство, а наскоро и нова влада. Непринципиелно, на сила и недемократски. ВМРО-ДПМНЕ и коалицијата „За подобра Македонија“ направија сѐ што е во наша моќ до моментот до кој не беше јасно дека одејќи понатаму Македонија и граѓаните во неа ќе имаат многу поголема штета отколку корист. Личните и партиските интереси повторно ги ставивме под државните интереси – посочи Груевски.

Според него, главна причина за надворешната операција била токму нивната политика во однос на името.

Главната причина за оваа надворешна операција беше нашата политика во однос на барање на фер решение за проблемот со името, кое не го добивме, и како резултат на тоа се уште не ја добивме заслужената покана за членство во НАТО и преговорите за влез во ЕУ, кои беа и ќе останат стратешка цел на ВМРО-ДПМНЕ. Сепак, покрај оваа стратешка цел, стратешка цел е и фер решение, а не наметнато решение кое ќе нѐ обезличи како народ, како нација и како држава. Од новото мнозинство се очекува поинаков пристап по ова прашање. Времето ќе покаже кој бил во право – додава Груевски.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top