| четврток, 6 декември 2018 |

Добитникот на наградата „Прозарт“, Јерговиќ: Светот ќе го спасат Македонецот што го чита Кадаре и Албанецот што го чита Урошевиќ!

Разбирањето на другиот не може да биде поетска фигура, иако од разбирањето на другиот може да се создаде голема поезија. Ова е студена реалност. И наш единствен спас. Светот ќе биде спасен кога Исмаил Кадаре ќе стане македонски писател. Светот ќе биде спасен кога Влада Урошевиќ ќе стане албански писател – истакна тој

Со доделувањето на наградата „Прозарт“ на хрватскиот писател Миљенко Јерговиќ синоќа во Даут-пашиниот амам во Скопје заврши 5. издание на Интернационалниот литературен фестивал „Про-За Балкан“. Наградата му ја врачи уметничкиот директор на фестивалот, Александар Прокопиев. Тој се пошегува дека признанието се доделува во потполна согласност со читателската публика и на Јерговиќ му посака долг писателски и животен век.

Со бурен аплауз беше поздравено примањето на наградата од страна на Јерговиќ, кој има обемен литературен опус со близу 30 прозни и поетски изданија и неброени публицистички текстови, преводи и награди. Тој е автор кој е читан во сите земји од поранешна Југословија.

Пред своето обраќање, лауреатот рече дека ќе прочита нешто што напишал пред да дојде во Скопје, а не бил свесен за сите околности.

– Овој свет нема да го спасат воени херои. Нема да го спасат големи генерали. Ќе го спаси Македонецот што ја чита „Генералот на мртвата војска“ од Исмаил Кадаре. Ќе го спаси Албанецот што ја чита „Мојата роднина Емилија“ на Влада Урошевиќ. Ова не е поетска фигура. Разбирањето на другиот не може да биде поетска фигура, иако од разбирањето на другиот може да се создаде голема поезија. Ова е студена реалност. И наш единствен спас. Светот ќе биде спасен кога Исмаил Кадаре ќе стане македонски писател. Светот ќе биде спасен кога Влада Урошевиќ ќе стане албански писател – истакна тој.

Пред присутните Јерговиќ прочита извадок од збирката „Мама Леоне“ под наслов „Ти си оној ангел“. За истата рече дека е напишана пред 20 години, а опишува најинтимни делови од неговиот живот.

И останатите петмина писатели-гости на фестивалот претставија мал дел од своето творештво на сопствените мајчини јазици.

Прв читаше специјалниот гостин на фестивалот – исландскиот писател Браги Олафсон. Тој прочита одломка од неговиот роман „Амбасадор“, добитник на наградите на исландските книжари и на Литературниот нордиски совет и номиниран за Исландската книжевна награда.

По него следеше Влада Урошевиќ. Тој, пред своето читање на три куси раскази, се пошегува велејќи:

-Кога ме повикуваат на поетски фестивали обично читам три песни, но бидејќи ова е прозен фестивал ќе ви прочитам три романи.

Турскиот писател Мурат Ѓулсој, пак, прочита одломка под наслов „За робот кој се превиткува себеси“. На подиумот застанаа и словенечката писателка Наташа Крамбергер, српскиот писател Владимир Пиштало, чијшто извадок под наслов „Трансформација“ говореше за „новиот бран“ во поранешна Југославија. Бугарскиот писател Антон Баев, којшто престојува во Скопје во рамките на книжевната резиденцијална програма „Апсолутно модерен“, рече дека му претставува голема чест што е гостин на фестивалот годинава и прочита дел од кусиот расказ „И никакви рози за Ивана“.

Петтото издание на фестивалот „Про-За Балкан“ го затвори директорот Дејан Трајкоски. Тој се заблагодари на сите учесници, поддржувачи, публиката.

– Ќе морам да се согласам со Јерговиќ и со Достоевски, исто така, дека убавината ќе го спаси светот, а не политиката. Иако цел живот имам проблем да верувам во таа концепција. Но, бидејќи нема во што друго да верувам, и`давам шанса на убавината да го стори тоа. „Про-За Балкан“ со овие гости е сигурно дел од таа убавина. Се гледаме на шестото издание на фестивалот – рече Трајкоски.

Настанот го водеше Ана Јовковска. Фестивалот „Про-за Балкан“ го организираше издавачката куќа „Икона“ од Скопје.  Фестивалот го поддржуваат Министерството за култура, мрежата ТРАДУКИ, Делегацијата на Европската Унија во Скопје, Град Скопје, амбасадите на Словенија, Хрватска, Србија и на Исланд, Кутурниот центар „Јунус Емре“, Словенечката агенција за книга ЈАК и други.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top