| четврток, 6 декември 2018 |

Скопјани скапо ќе платат за топлите радијатори во ладниот април

parno 1

Екстремно ниските температури во текот на зимата ја зголемија испораката на топлинска енергија во централниот систем за топлинска енегија во Скопје. Како резултат на ниските температури, во грејната сезона 2016/2017 година до потрошувачите биле испорачани 507.906.124 киловатчаса, а предвидени биле 480.235.185 киловатчаса, согласно прогнозите направени во август 2016, соопшти „Балкан енерџи груп“.

Зголемената испорака на топлинска енергија пред се е резултат на екстремно ниските надворешни температури измерени во одделни месеци кои во одредени денови се симнаа до минус 21 степен Целзиусов, како и невообичените ниски температури во октомври и април, заради што и грејната сезона започна порано и заврши подоцна од вообичаеното– велат во „Балкан енерџи груп“.

Од компанијата посочуваат дека грејна сезона 2016/2017 започна на 5 октомври, за разлика од вообичаениот старт на 15 октомври. Истовремено, грејната сезона траеше и подолго од вообичаениот термин, 15 април, и годинава траеше до 24 април. Ова значи дека годинава грејната сезона траела 16 дена подолго, односно наместо 183 дена, траела 199 дена. Поголемата количина на испорачана топлинска енегија до потрошувачите од прогнозираната, ќе биде нивелирана во сметките што потрошувачите ќе ги добијат во текот на мај, јуни и јули, кога вообичаено се врши порамнување, помеѓу прогнозираната и реално испорачаната топлинска енергија.

– Висината на порамнителните сметки е различна за секој потрошувач и зависи од карактеристиките и енергетската ефикасност на објектот и секако од количината на испорачана топлинска енергија во согласност со надворешните временски услови. Потрошувачите во текот на целата година во своите сметки добиваат податок за тоа колку енергија потрошиле, во споредба со месечниот паушал и колкава е разликата помеѓу потрошената и прогнозираната топлинска енргија. Ако при порамнувањето се утврди дека е потрошена повеќе топлинска енергија отколку што авансно е пресметана, тогаш разликата ќе биде распределена на три еднакви рати и соодветно фактурирана во сметките за месеците мај, јуни и јули. Ако пак потрошувачот авансно платил повеќе отколку што е утврдено при мерењето на потрошената топлинска енергија, тогаш разликата ќе му биде вратена на неговата трансакциска сметка, доколку нема заостанати долгови– велат во „Балкан енерџи груп“.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top