Мерачите на топлина на радијаторите, што ќе биде законска обврска за инвеститорите, ќе ги поскапат становите што ќе се градат во иднина за 5 проценти или во просек по 50 евра за квадрат, пишува Вечер.прес. Согласно новиот Закон за енергетика, кој е во подготовка, се пропишува обврска за инвеститорот на новите згради да постави мерни уреди на радијаторите, додека за постојните корисници оваа обврска не важи и се остава на нивната желба дали ќе ги вградат или не.
Бизнисменот Никола Велковски, кој е поранешен претседател на Здружението за градежништво при Стопанската комора, вели дека на инвеститорите им е неисплатливо во новите згради да поставуваат радијатори за централно греење.
– Освен што ја поскапуваат градбата со поставување на систем во целата зграда, туку и секоја зграда не е блиску до приклучок до градската топловодна мрежа, па потребни се дозволи и прекопувања, што исто така е трошок и ја зголемува цената на градењето. Подоцна може да се јави проблем да идните сопственици на становите да не сакаат да се приклучат на централното греење, а тоа инвеститорот во фазата на проектирање и градба не може да го знае. Затоа ние инвеститорите сме во сериозна дилема и најчесто, особено кога станува збор за изградба на згради во централното и во поширокото градско подрачје, дали да поставуме радијатори за централно греење или, пак, радијатори за сопствено греење – вели Велковски.
Според него, зградите со површина до 2.000 квадратни метри не се приклучуваат на топлификацискиот систем бидејќи е неисплатливо да се поставува целата таа мрежа.
– Таквите згради се опремуваат исклучиво со сопствено парно на струја и се погодни за нивна евентуална пренамена кога ќе дојде време да се приклучат на гас. Додека, пак, за поголемите згради со над 3.000 квадратни метри, таму исклучиво е греењето да биде на централно греење – додава Велковски.
Тој вели дека половина од зградите не се приклучени на централно греење. Велковски смета дека треба да се направи дополнителна анализа и договор меѓу инвеститорите и топлификационата компанија “Балкан енерџи” (БЕГ), како и што ќе биде со затоплувањето на идните станбени згради.
– Познато е дека потребна е согласност од 60 проценти од станарите за да БЕГ даде дозвола за приклучување на централниот систем. Тука мора да посредува и државата – вели Велковски.
Инаку, во светот се практикува евтина варијанта на затоплување на станбените згради. Велковски нагласува дека станува збор за цевки на длабочина од 30 до 50 метри што се поставуваат под зградата и со помош на пумпи се црпи подземна вода која се затоплува со помош на сончеви колектори или на струја и истата се дистрибуира до становите.
– Ваков систем се применува кај сите нови згради и комплекси на згради во германскиот град Хамбург. Овде вложувањата се малку поголеми, но бенефитот потоа е голем – вели Велковски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.