| четврток, 6 декември 2018 |

Попоски на Конференција за Западен Балкан

Министерот за надворешни работи на Република Македонија, Никола Попоски, денеска учествуваше на Конференцијата за Западен Балкан, што во организација на Министерството за надворешни работи на Кралството Шведска и на Канцеларијата на ЕК во Стокхолм, се одржа во Стокхолм.

Високите претставници на земјите од Западен Балкан (ЗБ) и ЕК, како што информира МНР, укажале на актуелните предизвици со кои се соочуваат земјите од Западен Балкан, а кои влијаат врз реформските процеси, но и врз стабилноста на регионот.

Притоа, е оценето дека политиката на проширување на ЕУ, која сама се соочува со внатрешни проблеми, е една од најуспешните политики на Унијата и која значително придонесува за стабилноста и развојот на целиот регион.

Министерот Попоски ја подвлече потребата од поголема мобилизација во регионалната соработка како важен процес на патот кон ЕУ.

– Со зајакнувањето на регионалната соработка ќе ги подобриме и шансите за натамошен развој на инфраструктурата во регионот, но истовремено и посилно ќе ги убедиме оние кои одлучуваат за иднината на Европската унија, односно нејзините земји членки, како на пример Шведска, дека навистина вреди да се ангажираат повеќе во исполнување на ветувањата дека Македонија и земјите од регионот треба да припаѓаат во Европската унија, истакна  Попоски.

За време на престојот во Стокхолм, Попоски оствари средба со министерот за надворешни работи на Кралството Шведска, Маргот Валстром.

Во раговорите заемно  е искажано задоволство од позитивниот развој на односите и соработката меѓу Република Македонија и Кралството Шведска и интерес за нивно натамошно интензивирање.

Попоски уште еднаш се заблагодарил за поддршката што Шведска ѝ ја дава на  Македонија, на планот на евроинтегративниот процес, изразувајќи уверување дека таа ќе продолжи и во наредниот период.

На средбата на Попоски со претставници од Комисијата за надворешни работи на шведскиот Риксдаг е искажана подготвеност за продлабочување на парламентарната соработка преку реализирање посета на највисоко парламентарно ниво како и контакти на парламентарните комисии и групите за пријателство во парламентите на двете земји.

Денеска одржаната Конференција во Стокхолм, е продолжение на првата конференција за Западен Балкан, што на иницијатива на Амбасадата на Македонија во Шведска, отпочна во декември 2015. година.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top