| четврток, 6 декември 2018 |

Портрет на Јован Павловски во ДПМ

Со портрет на истакнатиот македонски писател Јован Павловски, Друштвото на писателите на Македонија во четврток (1 јуни) во 12 часот, ќе ја одбележи 80-годишнината од неговото раѓање и 60 годишната творечка дејност. Средбата ќе ја отвори претседателот на ДПМ Веле Смилевски, а за творештвото на Павловски ќе зборуваат Лорета Георгиевска Јаковлева и Владимир Мартиновски. Стихови ќе чита Александра Велинова.

Како поет, раскажувач, романсиер, драмски автор, писател за деца и публицист Јован Павловски создаде богат и разновиден опус кој има свое значајно место во тековите на современата македонска литература. Дебитираше со стихозбирката „Август“ во 1962 година, а потоа објави низа поетски книги, меѓу кои: „Медеја“, „Идентитет“, „Ментален простор“, „Одработен страв“ и „Строгоста на живеењето“.  Автор е на романите „Тоа Радиовце во кое паѓам длабоко“, „Сок од простата“,  „Проверка на слободата“,„Град, години луѓе“  и други.

За своето дело Јован Павловски е добитник на врвни награди, меѓу кои: Рацоново признание, „Стале Попов“, Книжевно жезло за творечки опус,  „13 Ноември“ на град Скопје, „Крсте Мисирков“, „Духовен воин“ и „Златно перо“. Неговото творештво е преведувано на 20 јазици во светот.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top