Марко Ројс ќе мора да паузира три месеци од фудбалските терени, откако лекарските прегледи покажаа дека станува збор само за парцијално кинење на лигаментите во коленото. Германскиот репрезентативец се повреди за време на куп-финалето со Ајнтрахт, а првичните прогнози беа дека лигаментите се скинати и крилниот офанзивец ќе паузира најмалку шест месеци од терените.
Тој беше испратен на детални лекарски прегледи во Минхен, каде беше утврдено дека повредата не е толку сериозна колку што се најавуваше во прв момент. Германецот ќе мора да биде опериран, а потоа ќе следи пауза од околу 90 дена. Добра вест за „милионерите“ е што нивниот капитен ќе пропушти само неколку натпревари од стартот на новата сезона, но се очекува да биде подготвен за камбек на почетокот од септември.
Главната дилема на Борусија Дортмунд во претстојниот период останува тренерската функција, односно дали Томас Тухел да остане на чело на „милионерите“ до крајот на сезонава или да дојде до тренерска промена, откако покрај директорот Вацке, незадоволство од односот на досегашниот тренер искажале и неколку фудбалери на клубот од Дортмунд.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.