Кај претседателот на Собранието Талат Џафери денеска се одржа координативната средба, која, според информациите од неговиот кабинет, била во функција на утрешната седница за избор на нова Влада. На состанокот не присуствувал претставник на ВМРО-ДПМНЕ.
Оливер Спасовски од социјалдемократите, Ејуп Алими од ДУИ, Весел Мемеди од Алијансата на Албанците, Бардул Даути од ДПА, Африм Гаши од Беса со спикерот Џафери го договарале редоследот на обраќање на претставниците на партиите по обраќањето на мандатарот.
Според Деловникот за работа на Собранието, мандаторот ја образложува програмата и предлогот за состав на Владата пред пратениците. По програмата и составот на Владата, Собранието води претрес најмногу два дена. Редоследот на пратениците кои ќе учествуваат во претресот го утврдува претседателот на Собранието на начин кој обезбедува учество во претресот на пратеници од различни политички партии застапени во Собранието, стои во Деловникот. Гласањето за избор на Владата се врши по предлогот за состав на Владата во целина, со јавно гласање. Гласањето се врши по завршување на претресот, а најдоцна во 24:00 часот. Владата е избрана ако за неа гласало мнозинството од вкупниот број пратеници. Претседателот на Собранието го известува претседателот на државата за изборот на Владата.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.