Во Македонскиот народен театар во завршна фаза се подготовките за претставата „Ничија земја“ во режија на Александар Морфов. Премиерата на претставата е закажана за 3 јуни, а билетите се веќе пуштени во продажба на билетарницата на МНТ и онлајн преку порталот „Купи карти за сè“.
Светски препознатливата „Ничија земја“ во МНТ ќе се игра по текст на Денис Тановиќ и на Александар Морфов. Таа е сатира против војната и медиумите кои се подигруваат за сензација и рејтинг, во свет измачуван од тероризам и војни.
По големата хит претстава „Животот е прекрасен“, Морфов ја продолжува соработката со МНТ, сега со големата човечка драма „Ничија земја“.
Во сценариото „Ничија земја“ на Тановиќ станува збор за војната што се случи во деведесеттите години на дваесеттиот век во границите на поранешна Југославија. Причината е слична како и за сите настанати војни ― агресивното опстојување и наметнувањето на своевиден културен идентитет (вклучувајќи ја и верската припадност) што се меша со територијални, политички и економски претензии. Интересно во случајов е дека завојуваните страни ― Бошњаците и босанските Срби ― се многу блиски во секоја смисла. Оттука и впечатокот дека непомирливите разлики меѓу нив се несуштински, а конфликтот ― неодржлив. Тие војуваат, дури не можат точно да утврдат зошто и како започнало сè – се прашуваат, но не наоѓаат одговор. Но продолжуваат да се убиваат… Ако овој текст сепак успева да надогради нешто малку поразлично од веќе познатото во опширно развиената воена тема, тоа се состои во појавата на страшната и бескрајна инерција на уништувањето.
Претставата е работена според сценариото на Тановиќ, филм што беше добитник на наградата „Оскар“ за најдобар странски филм, во 2001 година.
Морфов е еден од најдобрите европски режисери на денешницата, работи насцените на најголемите театри во Бугарија, Русија, Израел, Летонија, Романија, Македонија итн. Добитник е на бројни национални и меѓународни театарски награди, меѓу кои: „Аскеер“, „Икар“, „Златна муза“, „Златна маска“, „Кристален Турандот“ и „Галеб“.
Во претставата играат: Сашко Коцев, Никола Ацески, Александар Михајловски, Гораст Цветковски, Александар Миќиќ, Славиша Кајевски, Александар Ѓорѓиески, Борче Начев, Оливер Митковски, Камка Тоциновски, Ненад Анѓелковиќ, Стефан Спасов, Григор Јовановски, Кристина Гијева, Филип Миленкоски, Александар Иваноски, Марија Кондовска и Томе Станковски.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.