| четврток, 6 декември 2018 |

Груевски: Македонија веднаш да добие покана за НАТО и да почне преговори со ЕУ

Да се упати покана на Македонија за членство во НАТО веднаш и да се започнат преговорите за членство во ЕУ, побара денеска лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Груевски.

– Македонија предолго се држи надвор од НАТО и од Европската унија. Предолго Грција не дозволи да започнат преговорите со ЕУ и да ја добиеме поканата за членство во НАТО. Уште во 2008 година Македонија ги исполни условите за да ја добие поканата за НАТО, а тоа сите граѓани го знаат. Тоа се стопираше на Самитот на НАТО, а следната година веќе дојде препораката од Европската комисија до Европскиот совет за започнување на преговорите за полноправно членство во Европската унија. Оттогаш поминаа 7-8 години како Македонија се држи надвор од НАТО. Тоа не е добро, рече Груевски, одговарајќи на новинарско прашање по посетата на општина Ресен.

Тој апелираше до членките на НАТО и ЕУ да ги започнат преговорите согласно договорот од 1995 година според кој, како што рече, нема никаква пречка да се започнат преговорите, а прашањето со јужниот сосед да се решава во од.

Најдобро и најкорисно е, како што рече, особено по оваа политичка криза што се случи во Македонија да се најде начин и сили да се разговара и со соседна Грција.

– Да се упати поканата на Македонија за членство во НАТО веднаш, годинава и да се започнат преговорите за членство во ЕУ. Тоа ќе даде нова сила, нова енергија и верувам дека многу од негативните процеси што се случија во минатиот период немаше да се случат доколку во 2008 година, кога ги исполнивме сите услови за членство во НАТО, ја добивме поканата, станевме членка на НАТО и доколку во 2009 кога Европската комисија првпат кажа дека сме ги исполниле условите за да ги почнеме преговорите и ги почневме, работите ќе одеа во една подобра насока, рече Груевски.

Поучени од сето тоа, како што рече, се надевам дека и земјите членки на НАТО и земјите членки на ЕУ ќе дадат можност за да се започнат веднаш годинава преговорите. Потсети дека нема никакви пречки според договорот од 1995 година. Тој, како што рече, е меѓународен договор потпишан под покровителство на Обединетите нации, додека прашањето со Грција потоа во една помирна атмосфера може да се продолжи да се разговара и да се бараат решенија прифатливи за двете страни.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top