| четврток, 6 декември 2018 |

Во Европа забранета, кај нас не: Кукла-шпион гледа и слуша сè што правите дома

Во играчката, освен микрофон има и камера, па така секој може да гледа што прави детето, може да гледа кога сте дома, кога не сте дома - буквално да ги дознае сите информации за вас. Oваа кукла служи како уред за прислушување

Паметната кукла „Кејла“, освен што е примамлива за децата, примамлива е и за родителите. Тие може да се поврзат преку мобилен телефон со куклата и да зборуваат со детето во секое време, и кога не се дома. Но, куклата не е баш „сон на секој родител“. Куклата-шпион, како што ја нарекуваат во Европа, или „кукла за прислушување“ е забранета во Европа, бидејќи служи како уред за прислушување.

kejla (1)

Тоа е паметна кукла, во која има СИМ-картичка и безжичен уред. Направена е за да може родителот да зборува со своето дете. На пример, родителот е на работа, детето е дома, и тој се јавува на куклата, која се поврзува преку интернет, и му зборува на детето. Но, кога родителот му зборува на детето, разговорот не оди директно кај детето, туку оди преку сервер, како на пример „Вибер“, но проблемот е што не постојат сигурносни системи кои прават енкрипција на самиот разговор. Тоа значи дека секој може да го пробие системот и да слуша што му зборува родителот на детето.

kejla (3)

Во играчката, освен микрофон има и камера, па така секој може да гледа што прави детето, може да гледа кога сте дома, кога не сте дома – буквално да ги дознае сите информации за вас.

Холандија и Белгија ја запреа продажбата на овие играчки. Продавниците во Данска, Норвешка и во Шведска нудат поврат на средствата на потрошувачите, во некои случаи и без сметка. Амазон ја запре продажбата на играчките преку продавницата во Шпанија. Во Германија надлежните ја забранија продажбата на играчката со образложение дека се работи за уред за шпионажа.

kejla (2)

Производителот на куклата „Џенезиз тојс“ од САД вовел можност и за рекламирање на производи преку неа. Тоа почнало најпрвин со рекламирање на нездрава храна полна со шеќери и масти, што дополнително го зајакнал отпорот против овие играчки, по што се вклучиле и многубројни здравствени организации кои алудираат на забрана за рекламирањето на нездрава храна за децата, особено на ваков начин.

Куклата засега не се продава кај нас, но може да се купи преку интернет или, пак, од некоја друга земја, бидејќи увозот не е забранет.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top