| четврток, 6 декември 2018 |

Од 1 јуни повторно ќе сообраќа возот Солун-Скопје-Белград

Експресниот воз „Хелас експрес“ повторно ќе почне да сообраќа помеѓу Скопје, Белград и Солун од 1 јуни годинава.

Српските железници ја завршија реконструкцијата на пругата меѓу Ниш и Прешево, со што се создадоа услови за железничко поврзување меѓу овие земји. Возот од Скопје ќе поаѓа секојдневно за Солун во 4:45 часот, додека поаѓањето назад од Солун кон Скопје ќе биде во 18:30 часот. Од нашиот главен град кон Белград секојдневно ќе сообраќа воз со поаѓање во 22:19 часот, кој од српската метропола за Скопје ќе се враќа во 18:35 часот.

Цената на меѓународните железнички билети за Белград и Солун останува идентична, а на патниците ќе им бидат на располагање кушет и спални вагони долж целата траса. Поради реконструкција на пругата на територијата на Република Грција, возот „Хелас експрес“ во наредниот период ќе изостанува на релацијата Гевгелија-Солун-Гевгелија. Грчката државна железница за сите патници има обезбедено автобус меѓу железничките станици во Солун и Гевгелија.

Македонските граѓани од Белград ќе можат директно да патуваат со воз до Виена, Загреб, Љубљана и Будимпешта и да ги користат поволните понуди за меѓународниот железнички сообраќај Balkan Flexipass, City Star и Inter Rail за патување од Скопје до сите европски земји.

Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.

Top