По минатогодишната извонредно успешна светска премиера на „Клеопатра“, со којa беше одбележана 25-годишната уметничка кариера на примабалерината Александра Мијалкова, балетот „Клеопатра“ е дел и од годинашните „Мајски оперски вечери“. Спектакуларната продукција на ова музичко-сценско дело на музика од Нериа Голдерг од Литванија, според либрето на Јана Темиз, а во кореографија на еден од најбараните кореографи на денешницата, Василиј Медведев ќе биде одиграно на големата сцена на МОБ на 26 мај (петок), со почеток во 20 часот. Диригент е Бисера Чадловска, сценографијата и костимографијата на Павол Јураш и светло-дизајн на Милчо Александров.
Главните улоги ги толкуваат: Александра Мијалкова, Васили Чичијашвили (Грузија), Бобан Ковачевски, Марија Кичевска – Шокаровска, Мими Поп Алексова – Атанасовска и Дојчин Дочев (Бугарија).
Светската балетска уметност познава бројни примери на дела инспирирани од креациите на славни танчери. „Клеопатра“ на реномираниот кореограф Василиј Медведев е грандиозна постановка, разнобојно дело што во многу аспекти ги надминува рамките на класичниот балет. Инспирирано од примадоната на балетската сцена Александра Мијалкова, „Клеопатра“ е дело за последната царица на Египет, наследничката на Александар Македонски, легендарната таинствена освојувачка на срцата што од дамнина ги воодушевува поетите, композиторите, уметниците и режисерите. „Клеопатра“ е силен одраз на индивидуалниот танцов набој на Мијалкова, улога со која нашата примабалерина испишува уште една страница во историјата на балетската уметност, историја што говори за многубројни нејзини успеси, за колоритни и впечатливи изведби, за емоционална и духовна посветеност на публиката. Македонската публика има уникатна можност да го погледне балетот кој сѐ уште не е поставен во ниеден друг театар во светот, да се насладува на мајсторството и талентот на Александра Мијалкова и да помине незаборавна вечер во магичниот свет на Римската Империја и танцовите чудеса на антички Египет.
Republika.mk - содржините, графичките и техничките решенија се заштитени со издавачки и авторски права (copyright). Крадењето на авторски текстови е казниво со закон. Дозволено е делумно превземање на авторски содржини (текст и фотографии) со ставање хиперлинк до содржината што се цитира.